Ако беше толку добра работата за Македонија, немаше да ги чува полиција како во Бејрут. Тие мислат дека го завршија предавството, но треба да знаат дека заедно со народот ќе победиме во оваа борба, рече на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Понатаму лидерот на опозицијата порача:

Ова им е само алиби, а ние ќе го врвиме најдолгиот пат. Но верувајте дека ќе победиме. Информацијата која што претходно ја усвои Владата на Ковачевски и формално иако не беше задолжително, помина во македонското Собрание.

Но пред да проговорам за ова, сакам со особено чувство на гордост да му се заблагодарам на народот кој масовно и во огромен број излезе на улиците и со денови беше тврдината на непокорот кој покажа не само дека Македонија е жива, туку демонстрираше невидена енергија и волја за борба за својата иднина и за нашата татковина, и таму имаше Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми и сите останати. Многумина приоѓаа и многумина даваа поддршка. Ова не беше битка ниту моја, ниту пак на ВМРО-ДПМНЕ, заслугата е на народот, илјадници мажи, жени и деца кои излегоа на улиците и кажаа што мислат за предлогот кој Владата решила да го турка, но и за се она што се случува овој период во Македонија.

Илјадитиот народ кој и покрај сите жестоки жиговсувања, напади, полициски инфилтрати, молотови коктели, местенки и притисоци излегуваше и не отстапи. Благодарам народе мој, и ова не е крајот, туку почетокот на заедничкиот бедем кој Македонија ќе ја врати на народот.

И пред да кажам зошто ништо не е завршено, сакам да се осврнам на она што се случуваше овие денови.

Договорот таков каков што владата го усвоила и се согласила преставува срам за целата држава, а самиот чин на прифаќање преставува предавство на националните и државни интереси. Ова е комплетирање на вториот дел од предавството започнато на Заев уште јули – август 2017-тата година.

Предавството сега кое содржи план за бугаризација и асимилација на Македонија и македонскиот народ ќе биде немирната совест со која мора да живее секој пратеник и секој член на Владата кој го поддржа овој срамен документ.

И знам дека сега не се свесни но ќе помине ова, ќе помине и пратеничкиот имунитет, ќе поминат и овие полициски кордони кои што неволно ги обезбедуваат, ќе заврши се ова и за неколку години повторно ќе треба да го погледаат народот во очи на улица.

И знам дека тие сега се фокусирани на гола борба за фотелји, бидејќи и кога ја предаваа Македонија не заборавија да крадат, не заборавија на анексите, тендерите, договорите во четири очи. Ама народот и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е тука да ги потсеќа за предавството, за трговиите, за ударот кон Македонија за кое ви ветувам народе македонски дека ќе дојде ден кога тие ќе одговараат.

Тие се ставија на темната страна на историјата и тие наместо страната на народот ја одбраа страната на предавството.

Сега малку и околу суштината на договорот кој ќе добие зелено светло од Владата овие денови. За тоа колку е гарантиран македонскиот јазик кажа вчера заменик портпаролот на Европската Комисија која практично ја надсинхронизира претседателката Урсула Фон Дер Лајен која што во македонскиот Парламент велеше дека јазикот е гарантиран но во суштина мислела на јазикот кој што го говореле мнозинството граѓани во Македонија.

Воедно оваа информација се усвојува во Собранието, а Владата ја прифаќа преговарачката рамка без да биде објавен Протоколот каде според бугарските медиуми изрично се содржат барањата за бугаризација. Сега бугарските асимилаторски барања за промена на учебниците, за откажување од националните херои, за преиначување на историјата стануваат услов за влез во Европската Унија, и додека тие не се исполнат нема почеток на преговори, ниту напредок кон патот на Унијата.

Само каков тежок дебакл и нокаут е ова за дипломатијата и тимот на најнеспособните Маричиќ и Ковачевски, тука не би го ставил Бујар Османи затоа што тој има друга агенда, иако му е полна устата за Македонија, тој одработуваше за други, туѓи интереси. Тие со ова се одрекуваат и поплукуваат на столетната борба на Илинденците, на партизаните. Газат врз гробовите на нашите херои, врз маката нашиот народ. Трајна и длабока лузна и за партијата СДСМ која како наследник на комунистите од денес станува чирак на големо бугарската кауза. Срам кој ќе си го носите вие, но товар за сите идни поколенија.

Но и сакам јасно и гласно да се знае дека ништо не е готово, а народот не треба да очајува. Борбата продолжува. И ќе победиме, се додека сме заедно, цврсти како карпа, обединети. Обединети не заборавајте и силно фокусирани за нивниот пад, за што мора избори да има.

Информацијата која помина во Собранието нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата. Но затоа обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, нема да помине во македонското Собрание. Повторувам нема да помине во македонското Собрание промена на Уставот со цел внесување на Бугарите во него. За тоа гаранција е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници седат позади мене и сме заедно во оваа битка.

Народот може да биде спокоен, ова не е 2019-тата година. На иницијатива на пратениците како гаранција со која се обврзуваме пред граѓаните за ова наше ветување, со цел блокада на предавството на оваа Влада се изјавите на пратениците заверени на нотар, дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Уставот, а за тоа гарантираат со својата чест, совест и оставка која веднаш стапува на сила доколку тоа се случи. Јас верувам дека ниту еден пратеник нема да го одобри ова предавство и за тоа го имате и мојот збор дека тоа нема да се случи тоа. Ова се тие изјави, заверени на нотар.

Нема отстапување ниту милиметар од ова. Нема чекор назад, затоа што позади нас е се што имаме, нашите семејства, нашето достоинство, нашето име, и нашата Македонија.

Драги пријатели,

Дозволете сосема на крај, уште неколку реченици до граѓаните на Македонија, до македонскиот народ, но и до Албанците, до Турците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите и останатите, доколку не беше ова предавство на овие луѓе кои што најпрвин во Владата се согласија па потоа и овие во Парламентот одлучија да им дадат поддршка, тогаш ќе го сочувавме нашето достоинство до крај. Но, со ова не значи дека достоинството е загубено, и не значи дека битката е загубена, не напротив таа ќе биде уште потешка како што му доликува на овој народ. Но, ништо не е завршено додека не се промени Уставот и додека не се усвои преговарачката рамка која со ова предавство воопшто не доаѓа под знак прашање. Ова што сега ќе се случува во Брисел е фотоможност да уште еднашка ги згазнат црвените килими во белгиската престолнина на неколкумина криминалци во Владата и предавници и да кажат дека прифатиле нешто кое што всушност значи обид за асимилација на македонскиот народ. Не очајувајте народе! Не е ништо завршено, Уставот нема да се смени, преговарачката рамка нема да биде прифатена. А, идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу тешка задача да го исправи тоа што овие сега го погрешија, да го врати украденото. А тие кои што ова го направија на Македонија, овие предавници, овие одродници и криминалци да одговараат за тоа што го сторија.

Затоа ќе ми дозволите да завршам со СТОП за предавствата, ДОЛУ предавниците, да ЖИВЕЕ Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.