Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздрави гласањето во Собранието со кое, како што напиша, и се дава јасен мандат на Владата да започне првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.

„Со нетрпение очекуваме да ги отвориме пристапните преговори со Македонија“, порача Вархеји.

Воедно слична честитка упати и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој порача дека ова е значаен чекор за Македонија и ЕУ.

„Нашата иднина е заедничка и ве пречекуваме со отворени раце“, напиша Мишел на Твитер.

Македонското Собрание испиша историја за иднината на Македонија, а со тоа се отворија вратите за членството на земјата во ЕУ, напиша на Твитер известувачот за Македонија, Илхан Ќучук.

„Со 68 гласа „За“ беше усвоен францускиот предлог, а со тоа конечно се отворија вратите за членство на земјата во Европска Унија. Време е да се оди напред!“, напиша Ќукук.

Со 68 гласа „За“ пратениците во Собранието денеска ги усвоија заклучоците за таканаречниот француски предлог со кој треба да се откочат македонските евроинтеграции.

Заклучоците сега од Собранието се испраќаат до Владата, која треба да ги усвои. Информација за содржината на Нацрт-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија беше предложена од француското претседателство на Советот на Европската Унија на 30 јуни. Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.