Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средба со Пол Мекарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

На средбата, на која присуствуваше и меѓународниот секретар на партијата Стефан Андоновски, Мицкоски ја поздрави одличната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ со ИРИ во организирање на настани и семинари за млади лидери и градење на транспарентност.

На средбата се разговараше и за актуелната политичка и економска состојба, како и евроинтеграциските процеси на Македонија во однос на спорот со Бугарија.

Претседателот Мицкоски рече дека криминалот и корупцијата се распространети и во сите сфери на општеството, како и дека креатор на кризите во државата е владата на СДСМ и истакна дека единствен излез од истите е само одржување на предвремени парламентарни избори и промени кои што ќе обезбедат поквалитетна иднина и подобар стандард за граѓаните.

Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати нови условувања од страна на бугарската страна во делот на македонската историја, идентитет, нација и култура, укажувајќи дека тоа не може да биде предмет на преговори и договор.

Соговорниците се согласија дека постои традиционално добра соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ, и се договорија истата да продолжи да се развива за поинтензивна соработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.