Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честитам 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот, вели во својата честитка по повод денешниот празник, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Годинава како никогаш досега македонските работници се понижени и обесправени, а нивниот труд воопшто не е вреднуван. Наместо подобри услови за работа, повисоки плати, работниците во Македонија трпат секојдневни притисоци и добиваат откази во услови кога нивните трошоци за живот вртоглаво растат. Животот кој им се ветуваше, се претвори во беда и безнадежно секојдневие, мислејќи како до крајот на месецот да заврзат крај со крај.
Токму во очи на 1-ви Мај – Денот на трудот, сведоци сме на закани, притисоци кон синдикатите и македонските работници како и попречување на уставното загарантирано право на штрајк. Власта преку тортура се обидува да ја покрие својата неспособност на работниците да им го испорача она кое што им следува по закон и да им ги покачи платите согласно растот на минималната плата.
Пари за наставниците, администрацијата и останатите работници нема, но има милиони за владините функционери набавени преку матни тендери во 4 очи, но и за луксузирање со нов мебел, нови возила за министрите на грбот на македонскиот работник.
Во меѓувреме животот станува се поскап. Над 500.000 македонски граѓани не можат да си дозволат барем еден оброк во денот, а растот на цените на горивото, електричната енергија и основните продукти само ја зголемува оваа бројка.
Владата знаејќи 5 месеци за кризата, воопшто не помисли да ги заштити македонските работници и свесно дозволи да се продлабочи кризата. Така заради несериозноста, криминалот и неспособноста на власта, македонскте работници со своите ниски плати сега плаќаат поскапи бензини за повеќе од 80% и поскапа електрична енергија за 30%. Килограм шеќер за граѓаните е поскап 36%, килограм брашно поскапо 83%, додека литар масло за јадење е поскапо за 107%, а литар млеко е 47% поскап.
Тоа е македонската реалност, наспроти празните зборови на власта дека во Македонија се живее убаво и дека успешно се справиле со кризата. Реалноста е дека имаме корумпирана влада и хибриден режи потврден од Фридом хаус.
Итно е потребен излез од оваа безнадежна ситуација. Македонија повеќе не смее да тоне, националната катастрофа која ни ја приреди оваа влада не смее да продолжи. Потребно е национално обединување против корумпираната елита на власта и предвремени парламентарни избори за излез од кризата. Само така ќе дојдат подобри времиња, подобар стандард и вреднуван труд на македонскиот работник.
Честит 1-ви Мај!
Честит Ден на Трудот!, стои во честитката на Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.