Промената на Уставот нема да се случи, бидејќи тоа е последниот браник на македонскиот идентитет. Затоа што падне ли Уставот, помине ли преговарачката рамка, завршува македонскиот идентитет, вели претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Во интервјуто, Мицкоски открива зошто излегле од салата во моментот кога се гласаа заклучоците за францускиот предлог и детали за референдум што беше најавен за преговарачката рамка. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговара и за црвените линии со Бугарија, за очекувањата од процесот на приближувањето на Македонија кон Европската Унија, но и за тоа како ќе се презимува најтешката зима досега.

Заклучоците за францускиот предлог поминаа во Собрание, изгласани со 68 за и ниту еден глас против. Вие бевте предводници на граѓанските протести кои се одржуваа повеќе денови наназад, а кои беа поддржани не само од опозицијата туку и од голем број независни граѓани. Зошто на крајот, наместо да го дадете гласот против, одлучивте да ја напуштите седницата?

Заклучоците не се однесуваа на францускиот предлог бидејќи францускиот, или последниот, или модифицираниот предлог или не знам веќе кој предлог не беше пред пратениците за да може врз основа на него да може да се произнесат и да може да кажат дали е тоа во ред, бидејќи тој не беше комплетен, затоа што го немавме во тој момент сè уште протоколот на маса. Имаше шпекулации, имаше претпоставки, но ниту во еден момент го немавме протоколот на маса, што самото по себе претставува скандал, бидејќи избраниците на народот ги терате да се произнесат по некаков си документ. Предлог-заклучоците се еден лист, лист и половина хартија каде што Собранието им вели на министрите во владата да носат кошули… какви ќе бидат тие кошули, дали ќе бидат со копчиња, со кратки или со долги ракави – тоа не е дел од тоа што го предлагаат.

Така што првата брутална измама што е направена од нашата влада, после мега измамата што ја направија кога кажаа НЕ, а подоцна го прифатија истото за кое што стигна потврда и од бугарска страна дека се работи за истиот предлог, следуваше оваа втора измама каде што на пратениците од власта и оние поддржувачи кои кренаа 68 гласа ЗА им беше на маса ставено нешто коешто немаше никаква врска со нешто што се нарекува последен предлог. Но, од друга страна, не можам до ден-денес да поверувам дека опозициските пратеници, кои себеси се декларираат како опозиција во парламентот и тука, пред сè, мислам на онаа опозиција што е против владините политики, што ги гласаше овие заклучоци. Затоа што се поставува прашањето, ова не го отвора патот кон Европската Унија, бидејќи Владата е таа која што носи одлуки. Владата тогаш само ги злоупотреби пратениците во парламентот и во јавноста претстави дека еве тие гласале за некаков предлог кои тие претходно го прифатиле. Се гласаше за нешто коешто нема суштина, а суштината е тоа што дека владата прифатила асимилаторски договор со Бугарија, којшто потоа беше преточен во последен предлог што дел од јавноста го нарече модифициран.

Ние не учествувавме во гласањето, иако учествувавме во дебатата за да може јавноста да го слушне нашиот став поврзан со тој последен предлог кој нема врска со заклучоците и со овој памфлет што го изгласаа 68 пратеници, и тоа е јасно дека е не и неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа што не бевме во моментот на гласање е само заради тоа што не сакавме да дадеме легитимитет со нашето присуство на нешто коешто го гласаа пратениците. И тоа е јасно дека е НЕ и дека е неприфатлив за ВМРО. Имаме парламентарно мнозинство, кое кога требаше довербата на владата, кукавички ја напушти дебатата и да елаборира зошто треба оваа влада да остане, и сега овие 68, во којшто има дел од пратеници од опозицијата, велат зошто ВМРО-ДПМНЕ не било, ВМРО-ДПМНЕ нема да легитимира неправеден и ненароден чин.

Со потпишувањето на Протоколот, фактички притисокот се зголемува на македонско-бугарската историска комисија. Какви се Вашите очекувања, ќе има ли капацитет комисијата без политички притисок да договара значајни теми, како што се потеклото на Гоце Делчев, средновековието … ?

Очекувам притисоци, како што беше и претходно, да – очекувам од Бујар Османи притисок врз работата на комисијата, иако тоа веќе сега не е никако поврзано со европскиот пат на Македонија, затоа што европскиот пат во моментов зависи само од една работа, а тоа е промената на Уставот, не зависи сега само од работата на комисијата и тука е овој момент каде што јас само велам не е ништо изгубено, затоа што промената на Уставот е последниот браник на македонскиот идентитет.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи и оние кои не се сложуваат со овој француски или последен модифициран предлог се чувари на македонскиот идентитет. Сега веќе работата апсолутно нема никакво значење. А дека ќе имаат од Бујар Османи и од тие негови соработници притисок, ќе имаат, и комисијата треба да знае дека ќе имаат, немам никаква дилема. Водството на ДУИ прави историска грешка, тие практично гледајќи го интересот на Албанија, влегоа во коалиција и пакт со Бугарија и Бугарите, и ги продадоа интересите на македонскиот народ и нивните сограѓани во Македонија, и на тој начин оставија трајна рана во нашата колективна меморија и тоа нема да го заборавиме.

После Преспанскиот договор и промената на името, сега сме под силен притисок за менување историја, учебници итн…. Дали цената за влез во ЕУ не е превисока и од овој аспект денес, може ли нешто да вратиме назад?

Па и самиот Бујар Османи кажа, а и Стево Пендаровски претходно дека подобро било да се на масата заедно со останатите 26 земји членки и да преговараат демек имале помош, отколку да се надвор од масата. Притоа заборавија да кажат дека ние и сега сме на масата, само сега сме наспроти изолираната Бугарија, е сега ќе бидеме на масата на којашто Бугарија ќе биде заедно со тие 26 останати земји членки. И самите тие кажаа дека ако нема брза измена на учебниците по теркот на Бугарија, тогаш можеме да очекуваме вето. За Бугарија е важно средновековието затоа што тоа е темелот на тезата дека ние практично сме биле Бугари пред да бидеме создадени како вештачки народ од страна на коминтерната и Тито. Средновековието почнува од Второто бугарско царство, и тоа е суштината на кои тие ги темелат тие тези и тврдења, и тука е грешката на овие наши политичари корумпирани и по власт аздисани, не се свесни и затоа намерно ги прават овие грешки. Дел се и од незнаење, а дел се и од кариеристички причини и од аздисаност за власт, привилегии и народни пари. Ниту еден државник кој има елементарно познавање за антропологијата на македонскиот ген и идентитет нема на крај на памет да му падне да преговара на оваа тема, а камоли да седи таму на маса, да се смее и да потпишува договори. Сега не се свесни, имаат обезбедувања привилегии и така натаму, но кога ќе ја изгубат власта и ќе ги напуштат кабинетите, ќе се соочат со гневот на народот на улица, ако останат тука, ако не избегаат, и ќе бидат свесни и ќе речат -ах да можам да го вратам времето назад, не би ја направил таа грешка , но ќе биде доцна.

За каков реципроцитет во протоколот зборуваме кога Бугарија и вечерта пред меѓувладината седница ни испрати документ со кој не го признава македонскиот јазик?

Никаков реципроцитет, Бугарија сама кажува дека не го признава јазикот, а ние го признаваме бугарскиот јазик. Бугарија дава изјави дека за нив македонскиот јазик е некаков дијалект на бугарскиот и тоа го оправдуваат на некој хегемонистички начин но би рекол, но тоа е нивната политика и тоа не треба да нè изненадува, тие си имаат стратегија, си имаат план и гледаме дека тоа си го исполнуваат.

Проблемот е што кај нас има отсуство на државотворен капацитет, кај нашите политичари. Па дури и Бујар Османи си го исполнува тоа што си го има зацртано, а тоа е Албанија да ги почне преговорите и да оди напред. Јас се чудам на Димитар Ковачевски и на останатите министри во Влада, за кои повторно ќе кажам, аздисаноста по пари, тендерите, криминалот им се заеднички именител и подготвени се преку сè да поминат за тоа да го сочуваат. Национално тотално исплакнати ликови, тие не може да бидат државници и не може да ја водат државата напред и можат само дополнително да го компликуваат процесот и да стагнира државата како што стагнира, бидејќи ние не ги почнуваме преговорите, па дури и на нив.

Ние преговорите ќе ги почнеме и ќе ја усвоиме преговарачката рамка тогаш кога ќе го смениме Уставот.

Во тек се консултации дали може да се распише референдум, имате ли план Б ако не се спроведе оваа инцијатива?

Консултациите траат и ќе траат дали референдумот ќе биде консултативен, задолжителен, кога да се одржи, дали со оваа влада или со некоја друга демократска влада, ќе треба да ја анализираме оваа идеја за да ја бетонираме заедно со граѓаните нашата позиција околу сево ова што ни се случува. Но да бидам уште попрецизен, сите овие процеси, билатералниот договор и протоколот, промената на Уставот, усвојувањето на преговарачката рамка се сами по себе некако различни но поврзани. Преговарачката рамка не може да биде усвоена без да се случат уставните измени, а ако не се случат уставните измени, тогаш Бугарија нема ништо, ние не преговараме, не отвораме кластери, но и Бугарија нема ништо, и затоа браникот на Уставот се пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозициски пратеници. И тука граѓаните треба да се сигурни.

Кога зборуваме за референдум, ние зборуваме за преговарачката рамка, односно за спорниот дел, а тоа е членот 5, алинеја 4 , којшто се повикува на билатералниот договор со Бугарија, членот 12 од истиот којшто, пак, е поврзан со протоколите што се потпишуваат еднаш годишно. Тоа е спорно за нас и тоа претставува потенцијална опасност дека ние во иднина повторно ќе имаме вето од Бугарија, доколку не промениме учебници под диктат на Бугарија. Тука се фокусираме во делот на референдумското изјаснување на граѓаните: Дали да се прифаќа или да не се прифаќа оваа содржина на преговарачката рамка, инаку за Уставот никој не спомнува опција за референдум. Уставот – браникот се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, затоа што во јавноста има инструирани провладини гласноговорници кои имаат различен став од нас за референдумот, па викаат еве сега се бара алиби за промена на Устав. Но не е тоа идејата, чувари на Уставот се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е сосема нешто друго, ова е дали заедно со граѓаните, ние овој текст на преговарачката рамка ќе го прифатиме. Ако не го прифатиме, тогаш на Брисел ќе му кажеме – извинете на референдум излегоа толку и толку граѓани – овој текст не го прифаќаме ќе мора членот 5, алинеја 4, да го тргнете и да останат членовите кои се повикуваат на копенхашките критериуми и критериумите за процесот на стабилизација и асоцијација. А за билатералните спорови да биде исто како и за останатите 26 земји членки, сега плус Албанија, да си биде исто и за нас.

Зошто власта и опозицијата функционираат како најлути непријатели и не успеваат да изградат позиција на конструктивни политички опоненти, барем за националните прашања?

Јас понудив и работни тимови и се повлеков од барањето за предвремени избори, само за да кажат НЕ, бевме проактивни, имавме иницијатива, од другата страна имаше или молк или брутално одбивање. Затоа мислам дека е подобро власта да одговори на ова прашање.

Го обвинувате ДУИ за предизвикување трајна штета во односите меѓу Македонците и Албанците. Доколку утре победите на избори, а во албанскиот блок ДУИ освои најмногу пратеници, ќе коалицирате ли со Ахмети по принципот победник со победник?

Ние сега зборуваме дали ќе го имаме условот Бадинтер или нема да го имаме. Доколку условно, ДУИ е политичката партија, којашто убедливо ќе победи, и нема никакви поинакви можности да се надомести условот Бадинтер, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме и тука немаме никаква дилема, и на тој начин ќе го сочуваме идентитетот, но ќе побараме од ДУИ да се коригира во своите постапки затоа што јас сум убеден дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ, ќе има повеќе од 61 пратеник, односно ќе имаме самите мнозинство. Но ако имаме друга можност, сценарио кое јас го посакувам, со албанските опозициски партии и други политички партии, тогаш ДУИ редно време е после повеќе години на власт да замине во опозиција.

Освен струјата и бензинот, деновиве се најавуваат повисоки цени и на комуналиите… граѓаните живеат во страв како ќе се живее од есен, и со колкави сметки за струја ќе ја презимат зимата. Каков Ви е Вашиот план за борба против сиромаштијата што го најавивте?

Цената на електричната енергија на берзите драматично расте, а бидејќи Македонија е увозно зависна земја од електрична енергија, не произведува доволно, а не произведува доволно затоа што овие кои треба да произведуваат крадат. Пред неколку месеци понудив Македонија да разговара под итно со Унгарија или со Австрија и да влезе во некое внатрешно портфолио за произведување на гас и на струја и на топлина, и тој гас да се складира без разлика дали во Австрија, дали во Унгарија. Тогаш не знам дали не ме разбраа, бидејќи немаше одговор на тој предлог, а гледам денеска тоа го прави соседна Србија. Ако тоа тогаш го направеа, колку-толку ќе ја амортизиравме состојбата со електричната енергија. Исто така, предложив да се закупат капацитети, уште пред неколку месеци за производство на електрична енергија, нуклеарката ПАКОС можеше 10-15 % од таму да закупиме – ние сме енергетски супер поврзани со соседна Србија, а тие се поврзани со Унгарија и можевме на многу поедноставен начин да добиеме енергенс. Можеше да се закупат капацитети на пченка, пченица, но и тоа не се направи бидејќи сега гледаме дека ни се потребни за да презимиме зимата. Јас предлагав тогаш, но пак ќе кажам или не разбраа или ме игнорираа, и сега доаѓа август, а после август-септември и не знам кога ќе се подготвуваат за есента и зимата. Ако се носат одлуки во 5 до 12, тие одлуки ќе чинат многу пари, а тие пари ги немаме, бидејќи ќе треба да ги позајмиме или ќе треба да трошиме државни резерви, така што ја доведоа државата во некоја прилично хаотична ситуација со неодговорното однесување, и да бидам до крај искрен, не гледам капацитет во овој министерски кабинет на Ковачевски. Ние понудивме – ако тоа го направевме во март или во април, ние немаше сега да се секираме како ќе ја дочекаме грејната сезона во октомври, ноември, декември и цела зима, но сега треба да сме загрижени затоа што јас ве уверувам дека цената на берзите од декември ќе биде околу 1000 евра, а од 1 јануари ќе имаме нова регулирана цена за домаќинствата која што ќе биде коригирана нагоре, и ковид-пандемијата си го прави своето, и сè на сè влегуваме во еден тотален државен хаос. И не сум оптимист, ние понудивме излез, неколку варијанти и бевме одбиени.

ПОВТОРНО ЌЕ СЕДИМЕ НА МАГАРЕШКА КЛУПА И ЌЕ ЧЕКАМЕ НОВ УСЛОВ

Помина и првата меѓувладина седница, за која велите дека беше само фотосесија. Беше ли тоа само наша жртва за Албанија да ги почне преговорите, а ние и натаму да останеме во предворјето на Брисел сè до отворање на Уставот?

Точно е, зошто еве не отворија кластер, зошто не ја усвоивме преговарачката рамка, па да речеме еве ќе преговараме под овие услови. Тоа беше обична фотосесија во Брисел, и, за жал, после таа фотосесија, единствен губитник ќе биде Македонија, македонскиот народ и граѓаните во Македонија. Дури и Албанците во Македонија нема да одат напред, ќе одат Албанците во Албанија затоа што тие ќе си преговараат, ќе си ги отворат кластерите, и зависи сега од нив со која брзина ќе напредуваат. Но Албанците во Македонија, македонскиот народ, повторно ќе бидеме во ходник и ќе седиме на магарешка клупа и ќе чекаме некој нов услов да се исполни, а тоа е условот промена на Устав, а дури потоа да ни биде поставена преговарачката рамка.

АКО ПАДНЕ УСТАВОТ, ЗАВРШУВА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Министерот Османи е речиси уверен дека по првата конференција во Брисел, во предвидениот рок ќе се премине и на втората седница, за што услов е да се случат уставните измени. Тој е убеден дека измените во Преамбулата ќе се случат, а во исто време Вие сте сигурни дека нема да се соберат потребните 81 пратеник, со оглед дека сте децидни дека вашите пратеници нема да гласаат. Како нотарските изјави ќе бидат гарант дека некој нема да го смени мислењето, да речеме да биде уценет и да гласа за?

Едноставно сум сигурен, имам полна доверба во тие луѓе дека нема да се случи промената на Уставот, затоа што помина времето на притисоци и на уцени, и убеден сум во капацитетот на овие луѓе дека ќе истраат и ќе опстојат на својот став да не гласаат за промена на Уставот бидејќи тоа е последниот браник на македонскиот идентитет. Затоа што падне ли Уставот, помине ли преговарачката рамка, завршува македонскиот идентитет.

Разговараше: Јованка ЦАРУЛЕСКА-ГРУЕВСКАФото: Ѕ. Плавевски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.