Кои интереси се заштитени со францускиот предлог, запраша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во вечерашното гостување во ТВ Алфа тој вели дека би бил најсреќен доколку утре македонската влада не го прифати францускиот предлог.

-Од Софија велат дека не се задоволни со еднострани изјави, туку они сакаат тоа да влезе во заклучоците на Европскиот совет. Јас се слушнав вчера со Пендаровски, изгледа има намера и тој како Ковачевски да се пофали. Суштината беше да видиме што тој прави во оваа ситуација. Од тоа што Пендаровски го кажа е дека од Софија бараат при промената на македонскиот Устав, Бугарите да влезат во нормативниот дел од Устав, рече Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Тој нагласи дека овој предлог не требаше да се најде на маса.

Тука е направена грешката. Сега наеднаш го гледаме на маса, а тој што се согласил вели дека не го видел. Утре е сериозен историски самит на ЕУ, не е било каков. Таму кандидатски статус треба да добијат Украина и Молдавија. И на нив им е потребен и чекор на Балканот, да почнат преговори со Македонија и Албанија, додаде Мицкоски.

Лидерот на опозицијата се сомнева дека македонскиот премиер утре ќе каже „не“ на францускиот предлог.

– И сега во целиот тој притисок, во друштво со 27 европски лидери плус членови на комисија и сите останати, зар вие очекувате Ковачевски да рече „не“, и да го одбие? Тие кои што патуваат со него, министерот за надворешни работи, на пример, му вика не се секирај, нема да падне владата, ние сме со тебе. И тој си вели, да ќе бидам уште година, или година и половина премиер, па макар и да ја уништам Македонија и македонскиот идентитет. Па, тој вели потоа ќе бидам најмалку пратеник, така зборува по новинари. Значи станува збор за личност којашто не е свесна за сериозноста на ова што се случува – рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.