„Законот за заем од 100 милиона евра не е никаква поддршка, со него на мала врата се внесува нешто друго. Или забораваат да кажат дека до декември 2023 година ќе го затвориме ТЕЦ Осломеј, а до 2027 ќе се затвори РЕК Битола. Со ова остануваат луѓе без работа, 3.500 лица остануваат без работа, и тоа треба да им се каже на граѓаните“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на гостување во емисијата „Само вистина“ што се емитува на телевизија Канал 5.

„Ова ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува“, рече Мицевски кој додаде дека партијата одамна насети што ќе се случува и бараше расправа и решенија за истото.

Тој укажа дека во 2020 година ВМРО-ДПМНЕ побара надзорна расправа, а СДСМ бегаше од темата.

Според Мицевски во овој момент е клучно да се стави акцент на сериозни законски решенија за излез од кризата.

Во текот на своето гостување Мицевски се осврна и на темата за лидерска средба.

„И јас можам да ви кажам дека и покана официјална за она што вчера го најави премиерот Ковачевски до ВМРО-ДПМНЕ нема стигнато. И тука е најголемиот проблем на владејачкото мнозинство затоа што пред да почне дебата за било која тема, ја отпочнуваат со официјални информации на социјалните мрежи. Еве ВМРО-ДПМНЕ пред да влезам во емисијата, официјално покана за таа средба што ја најави премиерот Ковачевски нема“, рече Мицевски.

Тој потсети и на фамозните прес конференции кои што се држеа во насока во 21 часот. ВМРО-ДПМНЕ кога излезе со предлог мерки за справување со кризата, тогаш веднаш од Владата се најави вонредна прес конференција на премиерот Ковачевски каде што тој најави одредени мерки, па дури замоли утредента пратеничките прашања кои што требаа да се одржат да не се одржуваат само за да се изгласаат владините вонредни мерки. Па се дојде до ситуација дел од тие мерки кои што беа најавени на вонредната прес конференција да се уште не се пристигнати во Собранието како законски решенија.

„Очигледно дека идејата е да се пушти во јавноста еден пробен балон, па потоа да разговараме за тоа дали може или не може“, појасни Мицевски.

„ВМРО-ДПМНЕ одговори денеска за таа лидерска средба и она за што треба да се разговара во наредниот период, а тоа е основните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Ако има средба, и зависи од форматот во која што ќе се одржи, на таа тема да учествуваме и да зборуваме. Затоа што денеска има две нови теми, тоа е историски најголемиот буџет од 5,3 милијарди евра кој што се планира и денеска има поминато на Влада, и едно како би рекол смешно замрзнување на цените на огревното дрво од 6.500 денари од кубик“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

Мицевски рече дека начинот за покана на лидерска средба не се прави на тој начин на кој што сака власта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.