Потпретседателот и пратеник на Демократската унија за интеграција, Изет Меџити е скептичен околу обезбедувањето на потребните гласови за гласање на реконструкцијата на Владата. Тој рече дека додека Владата обезбедува осум пратеници од Алијансата за Албанците, од парламентарното мнозинство излегуваат повеќе од осум пратеници.
Со изјавата на премиерот дека имаат 64 пратеници, кога вели тој, мислам дека е да се одржи смиреноста внатре во структурата, внатре во мнозинството и ова говори дека немаат ниту 64. Фактички се потврдува тоа што сум го кажал во континуитет дека сигурно ова говори дека е политичка акробација која нема врска со обединување за Европа, ниту зголемување на мнозинството или стабилизирање на мнозинството, бидејќи гледаме дека осум пратеници можат да влезат, но веќе осум излегуваат. Има најави за повеќе заминувања од владиното мнозинство – рече Меџити во изјава за ТВ21.
Меџити потенцира дека со реконструкцијата на Владата, ДУИ има изгубено 20 проценти од моќта. Посочува дека ДУИ направила промени во извршната власт, прекршувајќи го статутот на партијата.
Без да одлучи мнозинството, без да се земе мислењето од Генералниот совет, се отстранува еден од оние млади кои рекоа дека ќе застанеме зад него, односно господинот Насер Нуредини, министер за екологија, која и се дава на Алијансата за Албанците, бидејќи тој е надомест за Министерството за правда. Без да се праша некој, со голема леснотија на Алијансата за Албанците и се дава ресорот на поранешниот претседател на огранокот на партијата, односно заменик-министерот за одбрана Башким Хасани. ДУИ е веќе минус 20 проценти од моќта што ја имаше, кршејќи го статутот и без бенефит. Веќе се изјаснуваат дека имаат 64 пратеници, но ќе видиме како ќе биде до крај – рече Меџити.
Во Собранието веќе два дена пратениците расправаат за реконструкција на Владата, со која во владината коалиција влегува Алијансата за Албанците, која има осум пратеници, а излегуваат Алтернатива и Демократскиот сојуз. Пред пратениците се разрешувањата на тројцата министри од редовите на Алтернатива, Беким Сали за здравство, Адмирим Алити за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора.
За нови министри, премиерот Димитар Ковачевски ги предложи Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, тројцата од редовите на Алијансата за Албанците, како и Каја Шукова од СДСМ за животна средина и просторно планирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.