Синоќа, во емисијата Клик Плус на ТВ21, лидерот на Демократското движење Изет Меџити, меѓу другото, за прв пат даде до знаење дека како и многу други граѓани, така и функционери на ДУИ, имено кандидатот за претседател Бујар Османи и заменик премиерот Артан Груби изградиле диви или нелегални објекти и истите подоцна ги легализирале.

За прв пат ви кажувам дека кандидатот за претседател Бујар Османи својата куќа ја има изграденo на диво, и јас како градоначалник му ја легализирав нему како и на многу други граѓани, па наместо да плаќа комунални такси по 110 евра за м2, тој платил 1 евро, што значи самиот тој изградил куќа на диво. Артан и неговите браќа имаат изградено доградба на станови, во Чаир, речиси половина зграда на диво ја изградиле и истите се легализирани, откри Меџити.

Од ДУИ, пак, реагираат на интервјуто на поранешниот прв човек на општина Чаир, Изет Меџити и најостро го осудуваат „неговиот обид да избега од одговорноста за сторениот криминал со легализацијата на објектите и зградите во Чаир, префрлувајќи ја вината на апсурден начин и без правна основа врз граѓаните на Чаир“.

Изет Меџити јавно на телевизија призна дека одлуките за легализација на објекти или згради ги носел тој сам како градоначалник на општината и со политички/коруптивни преференции, а не строго како што предвидуваат законските и подзаконските одредби. Го поставуваме прашањето, зошто, доколку знаел дека тешко го прекршува законот, решил да ги потпише актите за легализација на објектите што ги споменува заедно со над 30 колективни згради изградени по 2011 година и не ги презел потребните правни дејствија за нивно уривање. Изет Меџити синоќа со своја уста го призна она што сите го знаат и она што медиумите го објавија, а тоа е дека тој самиот одлучувал за легализација на бесправно изградени објекти, а не законот! Ги повикуваме правосудните органи да постапат според нивните овластувањапо ова флагрантно признание на одговорноста. Демократската унија за интеграција посочува дека никој не треба да биде над законот и дека назначените носители на јавни функции се апсолутно одговорни за неговото спроведување и во никој случај за неспроведувањето на законите не треба вината да се префрла на граѓаните, велат од ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.