Редно време е да се отвори дијалогот и оваа година може да се донесат измени или сосема нов Изборен законик, вели министерот за правда Бојан Маричиќ, меѓутоа порачува дека не може да се дојде до решение ако има условувања.
Изјавата на Маричиќ пред напуштање на министерството за правда и преселба на функцијата вицепремиер за европски прашања, доаѓа откако пет помали партии кои се дел од владејачката коалиција преку писмо побараа во најкус можен рок – до 15 април да се донесат измените на Изборниот законик или во спротивно ќе излезат од мнозинството во парламентот.
Измените, вели Маричиќ, може да се направат оваа година, но важно прашање тука е и консензусот од сите партии, пред сè од најголемите.
„Изборниот законик не е тема на која можеме лесно со еден потег или какви било условувања да најдеме решенија. Мислам дека Владата е подготвена за дијалог, сите партии се подготвени за дијалог и јас ги ценам аргументите и на Демократскиот сојуз и на сите партии кои ја поддржале таа иницијатива. Сум разговарал со нив и досега повеќе пати, се надевам дека и наредниот министер ќе има можност да ги слушне аргументите и да ги дискутираме во Влада. Мислам дека ако има добра волја може се да се постигне, меѓутоа не е само временската рамка во прашање. Во прашање е и гласањето на изборниот закон со консензус затоа што досега добрата практика укажувала на тоа дека тој закон се носи со согласност на сите партии особено на четирите поголеми партии кои имаат членови во ДИК“,
вели министерот.
Маричиќ потенцира и дека ставовите на СДСМ, кој во изминатиот период се декларираше дека поддржува една изборна единица, се познати, меѓутоа неколкупати нагласи дека мора да има консензус од сите, како што било и досега, бидејќи ако се направи преседан да се донесе без консензус тогаш тој процес на измени на Изборниот законик може да се злоупотреби во иднина.
Тој потсети дека неколку недели пред да почне кампањата за локалните избори биле правени измени – за користење на уредите за отпечатоци од прсти и за имплементација на дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Тогаш било договорено по завршувањето на изборите повторно да се отвори прашањето, како за измените кои ги бара ОБСЕ/ОДИХР така и за политичките прашања како што е воведување една изборна единица, отворени листи на пратеници …
„Кога го заклучивме процесот на преговори пред локалните избори се договоривме со политичките партии дека повторно ќе се отвори тој процес веднаш по изборите затоа што останаа голем број на препораки од ОБСЕ/ОДИХР во однос на парламентарните избори од 2020 и локалните 2021 кои треба да се имплементираат, но остана и прашањето за дискусија на политичките прашања тоа се: промена на изборниот модел, промена на начинот на избор на пратеници во смисла на изборни единици, префенцијален модел, отворени листи итн. Мислам дека треба во еден отворен дијалог со сите политички партии, така и го водевме тој процес изминатиот период, да се земе доволно време и експертиза од страна на ОБСЕ/ОДИХР и ЕУ за да дојдеме до најдобри решенија, без предрасуди“,
вели Маричиќ.
Малите партии кои испратија писмо, потсетија дека поднеле предлог измени уште лани во март, но досега за таа точна не се дискутирало на собраниска седница, па затоа поставија рок до 15 април.
„Со оглед на важноста на законот, инсистираме во најбрз можен рок да се закаже пленарна седница и да се отвори расправа по Предлог-законот. Инаку, со промените се предлага Република Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел и без праг“,
пишува во нивното барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Барањето е потпишано од пратениците Павле Трајанов, Маја Морачанин, Моника Зајкова, Боби Мојсоски, Љупчо Балкоски и Бејџан Иљас од партиите: Демократскиот сојуз, ДОМ, ЛДП, ВМРО Народна и Демократската партија на Турците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.