Германија ја врати Македонија на листата на високоризични земји, па од недела ќе биде потешко да се влезе во таа земја, односно невакцинираните и лицата кои не прележале КОВИД ќе мора да бидат ставени во карантин, јави дописникот на МИА од Белград.

Покрај Македонија, на листата на земји со поголем ризик од зараза се вратени Србија, Босна и Херцеговина и земјите од ЕУ, како Франција, Австрија, Летонија, Бугарија и други земји од повеќе делови на светот.

Што се однесува до нашиот регион, Хрватска од 24 октомври минатата година е на листата на високоризични земји, Црна Гора од 15 август, а Словенија од 26 септември.

Враќањето на листата на високоризични земји особено ги погодува патниците кои не се вакцинирани.

Од недела, сите патници кои сакаат да влезат во Германија ќе треба да се пријават електронски, а мора да имаат потврда за вакцинација или за прележан КОВИД или негативен тест за корона вирус.

Вакцинираните и излекуваните лица не мора да одат во задолжителниот 10-дневен карантин.

Лицата кои не биле заразени со КОВИД и не се вакцинирани може да бидат ослободени од изолација најрано на петтиот ден со тестирање за КОВИД-19.

Од оваа мерка се ослободени невакцинираните деца до шест години, а карантинот автоматски им се прекинува по пет дена.

Германија ги заостри мерките за влез поради ширењето на омикрон сојот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.