Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва, со линк вклучување од Брисел, во емисијата 360 степени на Алсат истакна дека впечатокот од средбите и во Брисел и во Париз е крајно позитивен, на едно високо ниво на заинтересираност од европските институции за дијалогот со Бугарија, како и за намерите на Владата и следни чекори.
Впечатокот од сите овие средби е крајно позитивен, ги претставивме нашите приоритети, повторивме дека остануваме посветени и на реформите и на дијалогот со Бугарија, сметајќи го како многу важен. Ги претставивме сите активности во последните две-три недели од новата динамика, новата енергија и новите можности. И она што нè радува е дека видовме едно високо ниво на заинтересираност од сите институции коишто ги посетивме, рече Маричиќ.
Во дијалогот и новиот пристап со Бугарија, за вицепремиерот Маричиќ, најважно е задачите и проблемите на масата да се решаваат што поскоро и секако во наредните недели и месеци би сакал да види видлив резултат и тргање на блокадата. Не сака да оперира со датуми и смета дека никој нема луксуз на чекање или одложување на времето, бидејќи општиот впечаток е дека веќе премногу време е изгубено и до сега.
Ние повеќе пати сме кажале дека не би сакале јавно да дискутираме рокови ниту пак јавно да се обврзуваме на рокови затоа што тоа за жал до сега не ни донесе успех во разговорите. Дека има волја што побрзо тоа да биде тоа е видливо. Нам ни е важно суштински во овој процес да постигнеме успех и резултати. Не ни е во интерес да губиме понатаму време, не би оперирале со рокови, затоа што ако почнеме да оперираме со рокови само ќе ги броиме деновите, а нема да гледаме што треба да се направи, рече тој.
После посетата на Париз, Маричиќ смета дека треба да сме рационални оптимисти и во таа смисла се поклопиле со ставовите и со министерот Бон и со советничката на претседателот Макрон, Изабел Думон.
Мислам дека јасно им ја претставивме сликата за тоа кој се новите моменти од разговорите со Бугарија, дознавме и дека министерот Бон бил во посета на Софија и е прилично информиран. Едноставно кажано, француското претседателство е заинтересирано за нашиот случај и нашите отворени прашања, впрочем и во самите приоритети е ставено отворањето на преговори со Македонија и со Албанија. И сметаме дека и претседателот Макрон лично меѓутоа и целата негова влада и неговиот тим можат многу да помогнат. Ние имавме одлично искуство и со германското претседателство и со португалското, и сметаме дека ако таа традиција продолжи, а на тоа и бевме уверени на средбите во Париз, ќе можеме да очекуваме успех и во рамките на француското претседателство, истакна Маричиќ.
На крајот вицепремиерот за европски прашања Маричиќ кажа дека верува во новиот пристап на соработка со Бугарија и дека вреди да се проба и вреди да му се даде шанса, бидејќи никогаш во нашите билатерални односи, немало ваков интензитет на среќавање и на соработка меѓу двете Влади и институциите. Но, смета и дека ќе треба и целото општество да се мобилизира и интелектуалците и медиумите и парламентите, за да може сите да бидат на иста линија кога ќе дојдеме до точка да имаме договор и најбрзо што може да ги завршиме сите отворени прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.