Би била вистинска штета и за државата и за идните генерации овој момент да го пропуштиме сметајќи дека ќе добиеме во иднина можеби подобар предлог. Не би било одговорно да се одбие предлог во кој сме ги постигнале барањата со надеж дека ќе ни се понуди друг. Напротив, секое одлагање и губење време ни отвора можност за нови дневнополитички случувања, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата во Скопје со неговите колеги од Финска и Ирска, Тити Тупураинен и Томас Бирн.
Не е момент за непотребно одлагање, момент е за трезвена дискусија, разумна дискусија која ќе не одведе до долго посакуваната цел – отпочнување на преговорите. Колку повеќе го одолговлекуваме процесот, толку ќе биде потежок за решавање. Без разлика на одлуката која ќе ја донесе Владата во врска со францускиот предлог, полноправното членство во ЕУ останува наша стратешка цел и остануваме целосно посветени на реформскиот процес, посочи Маричиќ.
Порача дека во следните денови преку инклузивен општествен проце имаме задача заеднички да одлучиме дали ќе ставиме крај на лавиринтот во кој сме заглавени скоро две децении и ќе покажеме мудрост со разгледување и соодветно поставување кон овој предлог, предлог кој, нагласи, е чувар на националните интереси и на нашите црвени линии, или, пак, ќе влеземе во долгогодишен застој којшто секогаш по правило ни носел нови предизвици и нови проблеми.
Од моите колеги очекувам да продолжат да ни помагаат и да се залагаат за политиката на проширување на ЕУ на начин што ќе овозможи таа да биде покредибилна, попредвидлива и подинамичка како што впрочем и најавува новата методологија усвоена 2020 година. Македонија со Финска и Ирска после оваа посета продолжуваат да го зацврстуваат пријателството и да бараат можности за зголемување на билатералната соработка за што веќе постои интерес од деловната заедница. Имаме заедничка евроатлантска иднина за која меѓусебно и понатаму силно ќе се залагаме, рече Маричиќ.
Нагласи дека верува оти, како што рече, разумните и одговорните државнички политики ќе надвладеат над деструкциите, дезинформациите, надворешните влијанија.
Верувам дека набрзо ќе ја запечатиме европската судбина на државата со одлука која ќе значи просперитет, развој, напредок, трансформација, реформа и европеизација на државата во која живеат Македонци кои говорат македонски јазик. Нашата иднина е сега само во наши раце, рече Маричиќ.
Денеска, додаде, после 18-годишен маратон за почеток на преговорите со ЕУ, земјава има историска можност за почнување на преговорите без дополнителни одлагања со заштитен македонски јазик и македонски идентитет.
Имаме предлог на маса со кој конечно имаме вистинска можност да станеме полноправна членка на европското семејство како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Аргументираната реакција на премиерот Ковачевски на самитот во Брисел сега дава шанса за судбоносно да за европската иднина на земјава, бидејќи со официјалниот француски предлог го добивме она за кое што се залагавме подолго време, а тоа чиста формулација на македонскиот јазик без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања што за нас беше најважно за зачувување на нашите национални интереси. Тоа е она за што се боревме, тоа е она што го посакувавме, тоа се нашите национални позиции и црвени линии кои успеавме да ги зачуваме и тоа треба навистина да го вреднуваме и да го цениме, потенцира Маричиќ.
Во овие турбулентни времиња на нови геополитички настани, како што кажа, од исклучителна важност е и зачувување на безбедноста и стабилноста во Европа.
Токму затоа ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО. Искрено се надевам дека членството на Република Финска и на Кралството Шведска ќе се реализира за што од наша страна имате целосна поддршка. За почит и поздравување е ваквата одлука за членство во НАТО која значи зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа особено во овие моменти на воена инвазија врз Украина што несомнено ја погоди европската безбедносна политика и слика, рече Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.