Покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака. Денес, Владата на Бугарија и претседателот Румен Радев, имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Очекуваме да го отстранат несогласувањето со Преговарачката рамка, ослободена од сите билатерални товари, за да може да ја одржиме правата меѓувладина конференција и со тоа да започне процесот на пристапни преговори, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на панел дискусијата „Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор: Нови прашања за европската иднината и дилемите поврзани со проширувањето”.
– Ние сме пријатели со Бугарија и ќе градиме пријателски односи. Први сме соседи, сојузници во НАТО, ќе бидеме заедно и во ЕУ. Стратешко долгорочно пријателство мора да се гради постојано. Лесно се рушат мостови, но тешко и долго се градат. Ние сме подготвени да градиме мостови на трајно пријателство, но потребно е да имаме меѓусебно почитување и основа за заштита на нашите интереси, порача Маричиќ.
Тој оцени дека дилемата околу иднината на Европа стана прашање во јавниот дискурс поради стагнацијата во политиката на проширувањето на Унијата и тоа со почетокот на војната во Украина, која за жал, на најтрагичен начин покажа дека прашањето за проширување е истовремено и безбедносно прашање како за регионот, така и за самата Унија и веќе не е прашање само за кредибилитетот на ЕУ.
– Ние одамна ја имаме надминато оваа стратешка крстосница и не само што донесовме правилни одлуки и постојано докажавме дека сме искрен и доверлив партнер на Унијата, туку и цврсто чекориме кон реализација на целите. И затоа очекуваме државите членки на Унијата, да ја прилагодат оптиката на реалноста и да одговорат на денешните предизвици од кои ќе зависи иднината на Европа, истакна Маричиќ.
Тој оцени дека иако во изминатите три децении ЕУ не остана имуна ниту на надворешните, ниту на внатрешните кризи, а тоа го гледаме и денес, но 30 години подоцна Европа тешко наоѓа друг, поинаков проект што би ја заменил.
– Верувам дека значењето на Договорот од Мастрихт за се поповрзана Европа ќе опстои и денес и ќе продолжи да пулсира во ова турбулентно време во кое живееме. Јас би рекол дека и резултатите и успешноста на овој процес ќе се потврдат и во ова време-невреме, кога зборовите единство, солидарност, демократија, суверенитет и интегритет ќе го имаат својот вистински звук и ќе добиваат многу на значење, заклучи вицепремиерот за европски прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.