Македонија дополнително да ги зајакне своите капацитети во ИПАРД структурите и да го прошири опсегот на ИПАРД 3 Програмата со барање нови мерки, препорачува Европската комисија (ЕК).

На состанокот со македонските власти, Комисијата го нагласи доброто ниво на подготовка особено во безбедноста на храната и ветеринарната политика и ја охрабри земјава да продолжи да го усогласува националното законодавство со правната рамка на ЕУ.

Како што информира Делегацијата на ЕУ во Скопје, Комисијата го забележа напредокот и во областа на фитосанитарната политика, нагласувајќи ја потребата од спроведување одржлива употреба на пестициди.

Во областа на рибарството, Комисијата ја охрабри Македонија да продолжи со напорите за усогласување на националното законодавство со правната рамка на ЕУ. Посебен акцент е ставен на аквакултурата како извор на економски раст и отворање нови работни места. Комисијата, исто така, ја пренесе потребата Македонија да го зајакне административниот капацитет на надлежните органи во секторот рибарство.

Со состанокот што се одржа завчера копретседаваа Живко Брајковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и заменик-шефот на Единицата за Албанија и Македонија на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Алберто Камарата.

ЕК ги охрабри македонските власти да продолжат со усогласувањето на законодавството, внимателно следејќи ги случувањата во ЕУ за Заедничката земјоделска политика и другите политички иницијативи како „Од фарма до вилушка“ и стратегии за биодиверзитет, и да обезбедат градење капацитети за ефикасно спроведување на законската регулатива.

На состанокот стана збор и за развојот на билатералната трговија на основните земјоделски производи, преработените земјоделски производи и производите од риба, главните карактеристики на новата Заедничка земјоделска политика 2023-2027 година и други неодамнешни политички случувања во областите на земјоделството и руралниот развој, безбедноста на храната, ветеринарните и фитосанитарни аспекти и рибарството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.