Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денес имаше средба со директорот на канцеларијата на Европската Банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, Анди Аранитаси.

На почетокот на средбата вицепремиерот Маричиќ и директорот Аранитаси изразија задоволство од досегашната соработка во рамки на реализацијата на Стратегијата за соработка 2018-2023, како и очекување за продолжување на соработката во претстојниот период со воведувањето на ИПА 3 во рамки на инвестицискиот фонд за Западен Балкан (ИФЗБ), како дел од Агендата за поврзување, и тоа приоритетно на проекти кои произлегуваат повеќе од Зелената агенда, вклучително и проекти за чиста енергија и иницијатива од ЕБОР за развој на приватниот сектор.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека од суштинско значење е да се работи заеднички притоа земајќи ги предвид научените лекции во спроведувањето на проектите и да се состави план за градење административни капацитети за спроведување на одредени специфични обуки, кои произлегуваат од правилата за набавки, тендери и реализација на проекти на ЕБОР, како што веќе беше побарано од страна на претходниот Национален ИПА координатор.

Во продолжение беа разгледани и можностите за можни идни проекти во соработка со ЕБОР и тоа во приоритетни области кои се во контекст на поврзување на земјава со регионот, како и конкретни проекти во насока на спроведување на зелената агенда со кои граѓаните ќе добијат почиста животна средина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.