Со многу енергија, ентузијазам, нови идеи и визии го започнавме раководењето со општина Македонска Каменица и ветивме дека нашиот град ќе го врати стариот сјај, рече градоначалникот на општина Македонска Каменица Димче Атанасовски на денешниот регионален отчет „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМНРО-ДПМНЕ“.

Атанасовски потенцираше дека креираат систем и начин на работа со кој што ќе овозможат Македонска Каменица да биде општина со нула корупција, укажувајќи дека со транспарентност и отчетност граѓаните знаат каде се трошат нивните пари.

Креираме сопствен систем и начин на работа кој што ќе овозможи Македонска Каменица да биде општина со нула корупција. Сите буџетски расходи ќе бидат транспарентни и достапни граѓаните ќе знаат дека нивните пари се трошат на вистинско место со што ќе ја подобриме довербата во администрацијата во нашето работење. Мојот тим е во континуирана комуникација со граѓаните и така добиваме информации за проблемите на граѓаните кои што ги решаваме во најкраток можен рок – рече тој.

Атанасовски посочи дека во првите 100 дена имаат започнато да се реализираат голем број на проекти кои што ги ветил во предизборната програма, додавајќи дека мора навремено да се решаваат проблемите на граѓаните.

Нашиот приоритет се нашите сограѓани и затоа со брзи и квалитетни решенија делуваме во сите општествени сфери и градиме модерна, отворена и услужна општина насочена кон подобрување на квалитетот на живот. Во општина Македонска Каменица во тек е изградба или потпишани се договори за изградба на локални пристапни и маалски патишта и улици кои што се со вкупна должина од околу 6545 метри, локален пат до маало Албанци до село Тодоровца, реконструкција на дел од локален пат до село Цера, локален пат до Дракарска маало до село Луковица, локален пат до маало Каранфилци во село Цера, изградба на дел од улицата Миле Јаневски Џингар во Македонска Каменица – кажа Атанасовски.

Започнавме постапка за изградба на нова општинска зграда која ќе биде лоцирана во непосредна близина на градскиот плоштад, а за таа веќе е извршена физичка делба на парцела и промена на катастарска култура. Има договор за изградба на згради и помошни објекти за потребите на месни заедници на село Саса, село Тодоровци, село Луковица, и село Костендол. Потпишавме договор за улично осветлување на влезот во Македонска Каменица, проект кој што ќе се финансира преку проект на Центарот за развој на Источно плански регион а за кој дел од средствата ќе се обезбедат од општинскиот буџет. Во фаза на подготовка е документација за изградба на парк на бранителите во централното градско подрачје. Подготвивме проект за реконструкција на дел од Градскиот базен и доградба на нови содржини на градски базени и изградба на мал базен за дечиња – вели Атанасовски.

Атанасовски рече дека се исчистени голем број на диви депонии во централното градско подрачје, а веќе од март ќе се започне со чистење на дивите депонии во руралните средини.

Ги исчистивме дивите депонии во централното градско подрачје а до крајот на месец март ќе ги исчистиме пријавените диви депонии во руралните средини. Во првите 100 дена поделивме еднократна парична помош за болничко лекување од вкупен износ од 210 илјади денари, а континуирано доделуваме еднократна парична помош за секое новородено дете во износ од 10.000 денари – истакна Атанасовски.

Започнавме постапка за изработка на правилник на еднократна финансиска поддршка за сите ученици кои што ќе се запишат во Миле Јаневски Џингар со што ќе придонесеме за зголемување на бројот на ученици во оваа училиште. Во буџетот за 2022 година предвидовме финансиска средства во вкупен износ од 4,2 милиони денари за поддршка на спортски клубови кои ќе профункционираат на подрачјето на општина Македонска Каменица и за реализација на проекти од општинска програма за спорт и млади, заклучи тој.

Атанасовски вели дека во однос на она што го наследил од претходниот градоначалник од СДСМ констатирал низа неправилности во однос на склучување на договори со фирми без спроведување на постапка за јавни набавки, додавајќи дека токму поради тоа побарал ревизија на досегашното работење.

Во првичните анализи мојот тим констатираше низа неправилности во работата на претходната структура, нема реализација ниту еден значаен капитален проект, огромен број на склучен договори и исплати беа без спроведени без постапки за јавни набавки, договори кои што се на штета на општина Македонска Каменица, сомнителни јавни набавки, недостаток на вистински систем за прибирање на даноци и други давачки, и од таа причина побаравме од Државниот завод за ревизија да изврши контрола на досегашното работење – објасни тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.