Заменик претс едателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, рече дека оваа година на евроинтеграциски план треба да донесе целосно комплетирање на скрининг процесот, реформски напредок и отворање на поглавјата, се разбира после завршувањето на уставните измени.
Имаме историска прилика која не смееме да ја пропуштиме. За нас преговорите се историска и единствена можност за брза и темелна трансформација на македонското општество на подобро, односно шанса за европеизација на државата, изјави Маричиќ.
Маричиќ додаде дека ова е најголемиот и најважниот македонски проект кој бара обединување и поставување на сите општествени чинители на начин на кој функционира и Европската унија: Дијалог, солидарност, поддршка и компромис и како главен преговарач со ЕУ повикува сите заедно да покажеме дека визијата и желбата земјата да ја направиме членка на ЕУ до 2030 е реална и поважна од сè кога е во прашање нашата иднина.
Со скринингот добиваме прецизна, аналитичка презентација на состојбата во однос на усогласеноста на македонското право со европското. Ги нотираме недостатоците и ги дефинираме следните задачи на кои ќе треба да работиме за да ги постигнеме европските стандарди, во догледен рок, согласно определбата за членство во ЕУ во 2030, рече тој.
Вицепремиерот кажа дека скринингот е делот од евроинтеграциите кој практично ги „турка“ реформите дома, до целосна подготвеност на земјата за членство во Унијата и дека првичните коментари од сите вклучени страни во процесот се позитивни, а оценката и клучните укажувања ќе ги добиеме во скрининг Извештаите, кои Маричиќ очекува да бидат подготвени што е можно побрзо од Европската комисија и одобрени од Советот.
За Кластер 1, кој го завршивме пред нешто повеќе од месец дена, ќе барам скрининг Извештајот да биде доставен до нас во наредните 3 до 4 месеци, бидејќи тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, истакна главниот преговарач со ЕУ.
Маричиќ нагласи дека во рамки на Патоказот за владеење на правото, ќе треба да се подготви и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование, нагласувајќи дека ова се теми низ кои поминаа и во кои се подобруваа сите држави членки на ЕУ.
Во меѓувреме, додека се подготвуваат и финализираат патоказите, во координација со Делегацијата на ЕУ, подготвуваме и реформски план кој ќе ни обезбеди поголем фокус и исполнување на клучните реформски приоритети во текот на годината, најави на прес-конференцијата Маричиќ.
Маричиќ тврди дека процесот на преговори со ЕУ Владата ќе го води максимално отворено и инклузивно и кажа дека периодов го мобилизираат најдоброто од македонското општество, за да се обезбеди најдоброто за граѓаните, вклучувајќи ги експертите, искусните и подготвените капацитети од граѓанскиот сектор, од академската заедница, од медиумите.
Маричиќ извести дека скринингот е во напредна фаза и се одвива онака како што е предвиден со Европската комисија. Успешно е заокружен Кластер 1, а во понеделник ги започнуваме билатералните скрининг состаноци за Поглавјата 3,6 и 7, односно „Право на основање и слобода на давање услуги“, „Право на трговски друштва“ и „Право на интелектуална сопственост“, од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.