Имаме сериозна намера и подготвени сме да ги извлечеме најдобрите придобивки од Планот за раст, кој треба да донесе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите претенденти за членство во ЕУ. Рокот за поднесување на реформскиот план е запазен и до крајот на месецот ќе ја доставиме конечната верзија до Европската комисија, а првата исплата на средства се очекува во септември, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Тоа е усогласено. Рокот беше до 26-ти. Ние испративме материјал, Реформски план. Денес во текот на денот има и консултации со граѓанското општество и до крајот на овој месец ќе ја доставиме конечната верзија веќе усвоена од Владата. Значи, ќе стигнеме со тој рок – 24-та – 27-ма година затоа што во спротивно ако се чекаат постизборните математики и новата влада, ќе задоцниме многу и сите други држави веќе ќе го имаат усвоено, рече Маричиќ на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со неговата молдавска колешка Кристина Герасимов.
Потсети дека за Планот имал консултации и со претставници на опозицијата.
– Кажав и јавно дека сме имале на оваа тема комуникација со претставници на опозицијата во Собранието и дека имаме разбирање да се продолжи со овој процес без оглед на тоа што е Техничка влада во прашање. Не зависи се’ од нас, но ако оди се по план веќе во септември би требале да стигнат првите седум проценти од онаа сума од 850 милиони евра предвидени за Македонија, рече Маричиќ на новинарско прашање.
Планот за раст со шесте милијарди евра за Западен Балкан, според Маричиќ дека треба да овозможи забрзување на процесот за членство до 2030 година и бара реформи од државите и од владите, а придобивките се во системските промени што се обезбедуваат низ тие реформи, во финансиските пакети за земјава и во економската интеграција во единствениот европски пазар.
Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Македонија и ЕУ требаше да се заврши најдоцна денеска, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај годинава. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од ЕК ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од седум проценти од алокацијата за нашата држава, од вкупно 850 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.