После таа изјава, треба тој човек веднаш да си поднесе оставка и да замине, бидејќи не е достоен за таа позиција која што ја обавува во овој момент и парите кои што ги троши на граѓаните, односно даночните обврзници во Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски запрашан за став за вчерашната изјава на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ кој што призна дека се злоупотребува европското знаменце за носење на законските измени за коридорите 8 и 10Д, кои што веќе се поднесени во македонското Собрание.

Мицкоски истакна дека Маричиќ е поставен на таа функција за да ги почитува закони и процедурите, а тој пак, јавно признава дека поддржува кршење, за што еден ден, кој што е се поблиску, ќе одговара за тоа.

Второ нешто што покажа и докажа, додаде Мицкоски, дека проектот за изградба на дел од коридорите 8 и 10Д, кој што силно го форсираат владата на ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер, СДСМ не претставува ништо друго освен еден голем криминален епски потфат на оваа влада.

„Како прво, тој таму е поставен за да ги почитува законите и процедурите и тоа е многу важно. А, тој пак, јавно признава дека поддржува кршење на процедурите и треба да е свесен дека еден ден, а тој ден е се поблиску, ќе има и одговорност за таквото однесување. И второ, покажа и докажа дека проектот за изградба на дел од коридорите 8 и 10Д, кој што силно го форсираат владата на ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер, СДСМ не претставува ништо друго освен еден голем криминален епски потфат на оваа влада. А, соучесник во тој опфат е вицепремиерот кој што би требало да биде задолжен за евроинтеграции на Македонија и се потврдува тезата дека тие го користат или, да бидам попрецизен, го злоупотребуваат името на Европската Унија само кога треба да крадат. Кога треба нешто да се сработи и да се почитуваат законите, можам да кажам дека тие ни од далеку не се достојни на европските вредности и на тоа што треба да значи Европа за граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.

Мицкоски уште еднаш предупреди дека ваквото признавање на отворена сцена дека ќе се одобрува кршење на процедури, кршење на закони, еден ден, а тој ден е се поблиску, подразбира и одговорност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.