Македонската заедница во САД, по потекло од областа Мала Преспа, Албанија, за време на вкендот, во Њу Џерси ја  организираа првата преспанска средба.

Настанот беше проследен со богат избор на автентична македонска музика. Присутните не само што уживаа во познатите македонски песни, туку средбата ја искористија да споделат спомени и мисли за својот роден крај. Организаторите најавуваат дека истата ќе стане традиционална, пренесува весникот „Македониум“.

Додава дека оваа средба доаѓа како дел од подолгата традиција на македонската заедници во дијаспората, која го следи примерот на Македонците од Мала Преспа кои живеат во Канада.

Фото: Весник „Македониум“

Веќе десетина години, канадските Македонци со потекло од Мала Преспа, организираат слични настани кои служат како мост помеѓу минатото и сегашноста и ги зближуваат Македонците независно од нивната географска далечина. Тие исто така организираат и донаторски вечери на кои собраните средства ги донираат во родниот крај, како што беше случајот со собраните средства за изградба на камбанаријата на манастирот „Света Марена“, кај Туминец, наведува весникот.

Според истиот извор, значителен број Македонци од Мала Преспа се преселиле во САД по 1991 година, многумина од нив преку американската лотарија, и оваа средба е плод на нивните напори да ги одржат живи македонските обичаи и култура далеку од дома.  

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.