Околу 200 македонски граѓани во моментов се во и околу загрозените подрачја во Израел каде што вчера утро почнаа напади од страна на Хамас. Тие чекаат инструкции од Амбасадата на Македонија во Тел Авив или од Министерството за надворешни работи (МНР) како и кога да се евакуираат и безбедно да го напуштат Израел. Освен туристи, семејства има и работници кои имале ангажман во Тел Авив или во Бирзајт, град кој е северно од Рамалах, во Западниот брег.

Министерството соопшти дека утрово Бујар Османи по итна постапка оформил кризен штаб во рамките на МНР, чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат таму и на кои им е потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање.

Помина цел ден откако МНР соопшти дека освен седумте македонски државјани во Израел има и други на кои им е потребна помош при евакуација. Работниците сами почнаа да се јавуваат и да се пријавуваат во Амбасадата на Македонија во Тел Авив.

Меѓу тие што се во Израел има и група од 11 македонски државјани кои се во Бирзајт, град кој се наоѓа северно од Рамалах.

Нам не ми е првпат да сме тука, имаме професионален ангажман, работиме на изградба на фабрика за фармација. Во постојан контакт сме се амбасадата на Македонија и ги следиме нивните инструкции. Кога почна се, веднаш ги информиравме дека има македонски државјани. Ние сме 11, но знаеме дека има и поголема група работници во Тел Авив, велат македонските работници во Бирзајт.

Според нивните кажувања, тие се наоѓаат во безбедна зона, нема пукотници во Бирзајт, но, секако е непријатно да престојуваат во земја во која се води војна.

Тие добиле повик од МНР кој бил повеќе протоколарен, информативен, за тоа каде се наоѓаат, колкумина се, но за некое организирано заминување не станало збор.

Според информациите на Амбасадата на Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја. Со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација, велат од МНР.

Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје, порачуваат од МНР.

Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx

За повеќе информации, на располагање се СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.

Според израелските медиуми, бројот на загинатите во нападот на исламската екстремистичка организација Хамас врз Израел и ракетниот истрел во јужниот и централниот дел на земјата надмина 500. Меѓу жртвите има и десетици војници и полицајци.

Министерството за здравство потврди дека бројот на повредени во болниците достигна 2.048, од кои 20 се во критична состојба и 330 тешко повредени.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.