Македонија во регионот е една од земјите со највисоки загуби на вода и тоа на ниво на цела држава е околу 63 отсто, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Тој вели дека големите загуби на вода се должат пред се на голем број импровизации во овој сектор, но и на неинвестирање во инфраструктура и нејзино подобрување.
Ние како РКЕ во повеќе наврати кажавме дека не бегаме од таа одговорност и сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги. Имајќи го во предвид нашето искуство гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број на инвестиции и за сметка на тоа ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и нема да предизвикаме никакви ценовни шокови“, рече Бислимоски денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Со намалување на загубите, додава тој, ќе се зголемат количините кои што ќе се фактурираат и на тој начин нема да има никакви потреби за зголемување на цената за водните услуги.
Бислимоски вели дека клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата, таа да биде достапна и прифатлива за крајните корисници, а регулаторот да ја преземе целосната надлежност во формирање на крајната цена.
Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи што се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата, не смееме да дозволиме алиби игри. Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи – од минимална до максимална, а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа што обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции, при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат“, додаде Бислимоски.
Според него, неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата, како и оптимизирање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, при што во исто време, додава тој, клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата и воедно да биде достапна и прифатлива за крајните корисници.
Решение, како регулатори, гледаме преку преземање целосна надлежност во формирање на крајната цена“, смета Бислимоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.