Претседателот на Владата на Република Македонија Талат Џафери, денеска учествуваше и се обрати на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност што се одржува во Приштина, Република Косово.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Џафери:
„Денеска сме тука поради еден значаен повод, и би рекол големо достигнување за регионот. За мене е чест да сум дел од овој настан кој ќе придонесе за реализација на оваа одлична иницијатива, односно, Регионалниот центар за извонредност за жени, мир и безбедност.
И ние во Република Македонија, сме силно посветени на имплементирањето на агендата Жени, мир и безбедност. Како активна земја членка на НАТО, го поддржуваме имплементирањето на оваа политика низ трите основни цели на Алијансата и за таа цел го усогласивме и нашиот Национален акциски план со сродните иницијативи.
Уште поважно, ние и суштински ги имплементираме трите принципи на интеграција, инклузивност и интегритет во нашата секојдневна работа и во политиките кои ги носиме. Бидејќи, суштината е она што секојдневно нѐ води при носењето на политичките одлуки кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги исполнуваат стандардите за постигнување на родова еднаквост.
Легислативата е исклучително значаен дел од тој процес, затоа што ја дава рамката со која се обезбедува застапеноста. Таков е вториот Национален акциски план (НАП) на Република Македонија за имплементација на Резолуцијата 1325 усвоен во 2020 година, како петгодишен стратешки план за постигнување на вистинска родова еднаквост, интеграција и транспарентност на национално ниво.
Но, легислативата е само еден сегмент од нашата поголема, повисока политика. Неспорно е дека, родовите теми во Македонија, во голема мера добиваат простор и стануваат еден од приоритетите преку реформите кои Владата почна да ги имплементира во 2017 година и непосредно пред нашето полноправно членство во НАТО. Тие реформи, се случија пред сѐ во начинот на кој размислуваме за родовата димензија и ја инкорпорираме во секоја политика.
Без разлика дали тоа претставува Истанбулската конвенција, социјалната реформа, Едно општество за сите и серија други политики кои ги имплементира нашата Влада, или пак фокусот се насочува кон жените во безбедносниот сектор, заедничка цел на сите нив е целосна инклузија, со овозможување на простор кој води до реална родова рамноправност.
Во оваа насока, можам да кажам дека ние сме позитивен пример. Министерството за одбрана на Република Македонија го води одлична министерка, на која и претходеше исто така друга извонредна министерка за одбрана. Претседателот на државата има аѓутантка, а постигнат е и значителен напредок во бројот на жени застапени во Армијата, чијшто број се има удвоено во последниве десет години. Во истото министерство, од вкупниот број вработени административни службеници на раководни позиции, 49 % се жени. Имаме осум жени со чин полковник, што е бројка која до пред една декада беше нула, или еден.
Почитувани присутни,
Агендата за жени, мир и безбедност беше исто така еден од приоритетите за време на нашето претседавање со ОБСЕ минатата година. Со цел афирмирање на ваквата политика, организиравме повеќе настани на највисоко ниво на оваа тема.
Со ова, сакам да истакнам дека сме на одличен пат. Иако имаме уште многу за одење на тој пат, траекторијата на движење е утврдена и моја заложба е и ќе биде да останеме на истата.
Знам дека според една од феминистичките теории за мирот се смета дека тоа е постојан процес на кој треба да се работи, а не цел која треба да биде постигната. И јас се согласувам со оваа теорија и врз истата ја базирам и родовата еднаквост во безбедноста.
Војната во Украина е силен потсетник за неопходноста од активното вклучување на жените во сите области за спречување конфликти и во заложбите за градење на мир, стабилност и безбедност. Нивниот придонес е неопходен и во адаптирањето на политиките кон новата реалност.
Токму затоа, ние, како кредибилна членка на НАТО, го поддржуваме пристапот на Алијансата да се даде поголемо значење на политиката за Жени, мир и безбедност. Тоа значи поголемо претставување и учество на жените во цивилните и воени операции и мисии на НАТО, но и поголема промоција на родовата еднаквост како израз на нашите заеднички демократски вредности“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.