Доколку се прифати иницијативата на седум земји-членки на ЕУ за одлучување со мнозинство наместо како досега со консензус, внатре во самата Европска Унија, тогаш ќе преовлада стратешкиот интерес на Унијата и тоа ќе се однесува и на проширувањето, вели во интервју за МИА Срѓан Мајсторовиќ, претседател Управниот одбор на Центарот за европски политики и член на БИЕПАГ, експерт за европски прашања и добар познавач на ЕУ-политиките.

Во однос на тоа дали со овој начин на одлучување ќе се избегне следно евентуално вето на Бугарија кон Македонија, тој вели дека целиот процес на проширување со ова би бил поефикасен, за, како што вели, „да не се соочуваме со овие ситуации каде што поради внатрешно-политички, некогаш националистички позиции внатре во државите-членки, доаѓа до стопирање на една стратешки важна политика како што е проширувањето“.

Во продолжение следува целото интервју со Срѓан Мајсторовиќ со видео материјал, дадено на маргините на третиот Преспа форум за дијалог во Струга:

Господине Мајсторовиќ, насловот на Преспа форумот оваа година е проширено европско семејство до 2030 година. Дали според Вас тоа е возможна или невозможна мисија, со оглед на тоа дека во регионот се уште има нерешени прашања, тука е прашањето со Србија и Косово, а исто така постои и замор од проширувањето и во самата Европска Унија?

„Јас мислам дека тоа е реторичко прашање и дека одговорот на тоа прашање е единствената можност за регионот. Или ќе се свртиме кон себе и ќе го препознаеме историскиот момент, што е навистина е драматичен по нападот, агресијата на Русија врз Украина. Светот се менува, Европа се менува и како што неодамна германскиот канцелар Шолц кажа, Европа мора да се обедини за да може да преживее во иднина, во тој иден свет на неизвесност. Дел од тоа обединување секако мора да биде и пристапување на сите шест земји од Западен Балкан кон Европската Унија, тоа е единствен начин Европската Унија да обезбеди своја стратешка автономија, да си обезбеди себеси маневарски простор да управува со својата судбина во иднината, и политичките елити на Западен Балкан би морале да го прочитаат тој моментум, да го прифатат, да го почувствуваат на вистинскиот начин и да тргнеме во сериозно расчистување на нашите домашнми, регионални несогласувања за решавање на билатерални прашања, во решавање на структурни прашања, како начинот на кој функционира Босна и Херцеговина, решавање на прашањето меѓу Косово и Србија, но и државите-членки тука имаат голем степен на одговорност, затоа што и тие на некој начин се вклучени во билатерални несогласувања во регионот, и тие би морале да го препознаат тој историски контекст, стратешки контекст, и да покажат многу повеќе разбирање за ситуацијата во која се наоѓа регионот и во врска со тоа тука мислам на конкретниот случај во кој се наоѓаат Македонија и Бугарија да се пристапи кон решавање на тие преостанати прашања, кои не се едноставни туку комлексни прашања, но прашања од чие решавање зависи судбината на граѓаните на земјите од овој регион“.

Седум земји иницираа во ЕУ да се одлучува со мнозинство, наместо со консензус како што беше досега. Дали ова ќе важи за проширувањето и дали со тоа би се одбегнало евентуално следно вето на Бугарија кон Македонија. Што мислите за оваа иницијатива?

„Мислам дека ова е многу важна иницијатива, бидејќи се однесува на подготвување на теренот за начинот на одлучување во идната Европска Унија. И со самото тоа земјите од Западен Балкан мораат со должно внимание да следат како се одвива овој процес внатре во самата Европска Унија. Иницијативата е покрената од самите Франција и Германија и тие треба да работат на изнаоѓање начини како ќе се дојде до решение и употреба на одлучувањето на важни прашања, првенствено во овој момент за заедничката надворешна и безбедносна политика со квалификувано мнозинство. Меѓутоа, Вие сте во право, не е доволно овој начин на одлучување да се примени само на областа на надворешната политика, потребно е да се примени и на сите важни стратешки политики на Европската Унија.

Процесот на проширување на Европската Унија секако спаѓа во таа група на стратешки важни прашања за кои земјите-членки мора да одлучуваат, и со самото тоа овој процес би бил многу поефикасен, за да не се соочуваме со овие ситуации каде што поради внатрешно-политички, некогаш националистички позиции внатре во државите-членки, доаѓа до стопирање на една стратешки важна политика како што е проширувањето. Значи доколку дојде до прифаќање на начинот на одлучување внатре во Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство, тогаш сум сигурен за дека во тие ситуации, би преовладал тој стратешки интерес на Европската Унија, и дека случаите како овој со којшто се соочува Вашата земја, а тоа е оној секогаш присутен Дамоклов меч на вето којшто виси над вашата судбина, секако би имал сечило кое не би било толку остро“.

Како го гледате продолжувањето на процесот на европска интеграција на Македонија, а со тоа и на регионот во целина?

„Македонија и Албанија имаат голема шанса на некој начин да го ревитализираат проширувањето на Европската Унија. За жал земјите кои во овој момент, така да кажам, се лидери во овој процес и се во поодмината фаза, а тоа се Црна Гора и Србија, покажаа дека поради некои внатрешно-политички прашања немаат јасна стратегија како да се забрза овој процес. Јас ги гледам Македонија и Албанија како еден нов бран на кандидати кои можат со својот ентузијазам и со својата преданост и енергија, да донесат една нова атмосфера во процесот на европски интеграции, и да кажам дека на некој начин да го свртат вниманието и на колегите и во Србија и во Црна Гора дека сега позитивна атмосфера на натпревар повторно е присутна и дека ова ќе биде еден заеднички потфат, но кадешто оние кои се попосветени на оваа работа, кои се недвосмислено посветени на членството во Европската Унија, секако ќе имаат предност.

Овој процес нема да биде лесен, нема ни да се случи автоматски, преку ноќ, тој ќе трае, но важно е 20 години по Самитот во Солун, по првпат да се придвижат многу поконкретно во правец на пристапување на Западен Балкан кон Европската Унија, и еден чекор во таа би бил земјите кандидати од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија да се договорат  околу две важни прашања. Едното прашање е како, на кој начин овие земји ќе станат членки на Европската Унија, имајќи ја предвид ревидираната методологија на пристапување која до овој момент за жал не даде соодветни резултати. Додека второто прашање е – кога? Ние мораме да размислуваме и за временска рамка, временски хоризонт, бидејќи во спротивно ќе се изгубиме повторно на нашиот пат и неможноста да се фокусираме на она што е важно, а за да се фокусираме, факторот време е исклучтелно важен“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.