Ќе го слушне ли некој „крикот“ на деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Ѓоко Ѓоргевски, од неговото интервју за МИА спроти Денот на патронот на МПЦ-ОА, Св. Климент, историската комисија со Бугарија да го исклучи од дискусија прашањето за Охридската архиепископија, прашува Предраг Димитровски во анализата „Рацете подалеку од Охридската архиепископија“, објавена на Пресинг ТВ.
Ако се следат изјавите на бугарските членови, нашите „историски полит-комесари“ во последен момент се откажале од веќе постигнатата согласност! А, за што и во каква форма била постигната таа согласност никој не изусти ни збор, па работите требаше да се спинуваат дека не се разговарало за статусот на МПЦ-ОА, туку за претставување на црквата и нејзината улога воопшто во средновековието.
Притоа, се манипулира целата домашна јавност дека не знае да направи разлика меѓу статусот на МПЦ-ОА, што токму сега се решава, и историската улога на црквата како посебна институција.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано токму со ова, деканот Ѓоргевски оцени дека станува збор за „тешко прашање“.
-Познато е дека ОА ги менувала често своите граници, но знаела да биде голема од Молдавија и Романија, па се до Јужна Италија. Тоа значи дека таа секако дека е дел од животот, од историјата на многу народи. Значи тука е Романија, Бугарија, Србија, Грција, Албанија, Јужна Италија, но е неспоредливо значењето на ОА за нашиот народ и за нашата црква со сите останати. Значи, според мене и според моето скромно мислење, ако се има некакви заеднички ставови тоа треба да го прават сите тие останати земји нели заедно. ОА токму заради тоа, сите останати цркви околни коишто биле дел од ОА кога се возобновувале, никој не се повикал на неа. За разлика од МПЦ и почетоците, да се потсетиме на Првиот црковен народен собор 45-та година во Скопје по Втората светска војна и во Резолуцијата се донсува одлука дека треба да се возобнови ОА, таа да се нарекува Светиклиментова ОА. Значи дури ни не се спомнува дека треба да се именува како македонска, архипископот да биде архиепископ охридски. Па и денес ако сакате архиепископот прво се нарекув Архиепископ Охридски, па потоа и Македонски. Имајќи го предвид сето тоа, ние говориме да за историја, но знаеме дека и поводот за сите овие дискусии е нели на Комисијата, што ги води, се секако дека имаат свои импликации во денешното политичко наше живеење и би било можби пожелно доколку е можно да се исклучат, затоа што станува збор за еден процес кој се уште трае, а можно е и со тоа да му се наштети, изјави Ѓоргевски.
За потребата да се прекине со преговарањето за историјата на Охридската архиепископија во Комисијата укажува и проф. д-р Илија Велев, медиевист и византолог. Притоа, проф. Велев за „Пресинг ТВ“ укажува на два момента.
-Прво, покренувањето политички мотивиран диктат во мултидисциплинарната македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања за евентуалната „заедничка македонско-бугарска црковна историја“ на Охридската архиепископија во македонските учебници директно поттикнуваат отворање контраверзи, кои осмислено би требало да го проблематизираат духовното и црковното наслеследство на МПЦ од историскиот контекст на Охридската архиепископија.
И второ, не треба да се запостави и фактот дека хегемонистичките притисоци од страна на бугарскиот дел на Комисијата да и се надополни уште и бугарски историски контекст на Охридската архиепископија во македонските учебници и во црковноисторискиот наратив, би требало да „предизвика“ и евентуални канонски компликации во актуелните процеси за приклучувањето на МПЦ-ОА во единството на сеправославната екумена.
Впрочем, според него, и
-Затоа треба ургентно да и се укаже на македонската влада да ги спречи ваквите ретроградни обиди преку Комисијата дополнително да не ги комплицира црковноканонските прашања преку изнасилено уценувачките „официјализирани“ меѓудржавни протоколи. Особено што во македонскиот „експертски дел“ од Комисијата членуваат самопотврдени дилетанти за црковната историја и за медијавистиката. Дилетантскиот однос кон тоа прашање најдиректно го потврди и немоќниот јавен настап на еден од членовите, Петар Тодоров, во вечерните вести на Сител ТВ, вели проф. Велев.
И наместо да ги тргнат рацете на страна од Охридската архиепископија, од настапот на Тодоров стана јасно дека наместо со надлежни институции и вистински експерти, нашите „историографски полит-комесари“ продолжуваат со праксата консултации да вршат со индивидуалци, меѓу нив и новинари, аналитичари и колумнисти, што покажува дека наместо науката, оставаат орото да го водат партиски пропагандисти!
Други потесни експерти од областа низ интелектуалните кулоари веќе наголемо укажуваат на блискоста токму на Тодоров со Љубчо Георгиевски, кој наводно се повеќе ги меша прстите во историската комисија и има своја улога и влијание врз нејзината работа!
Дека работите одат во погрешна насока укажува и сознанието дека без законски пропишаните процедури, министерот Османи пишувањето на учебникот за 7 одделение веќе му го доделил на првиот човек на неодамна формираното ад хок тело за (пр)оцена на имињата на бугарските клубови, Бобан Петровски!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.