По повод Меѓународниот ден на младите – 12 Август, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествуваше на конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерите.
Честитајќи го Меѓународниот денот на младите, министерот Лимани порача:
„Сакам да го истакнам моето убедување дека флоскулите: „иднината е на младите” и „светот останува на младите” треба конечно да се претворат во дела. И не дека само „иднината е на младите“, туку и сегашноста е на младите. Затоа што денес ги креираме политиките и од она што денес ќе го креираме зависи каква иднина ќе имаат следните генерации. Да започнеме од сегашноста, од денес!“
Тој го поздрави проектот „Заедници инклузивни за млади“, и го посочи значењето на истиот бидејќи целта на овој проект е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.
„Како министер за социјална политика, демографија и млади во чија надлежност се и политиките за младите, убеден сум дека видливоста на младите во општеството и нивната вклученост во носењето на одлуките ќе ја подигнеме на едно повисоко ниво,“ истакна Лимани.
Министерот додаде дека, младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата за 2024-2028 година, каде што се потенцира нејзината силна посветеност во создавањето на општество во кое младите ќе можат да напредуваат. Притоа, истакна и дека Владата цели кон создавање на неопходни услови за младите од Македонија да градат иднина дома, нивно зајакнување преку образование и развој на вештини, поттикнување на младинското учество во процесите на донесување одлуки и промоција на претприемништвото и иновациите.
„Приоритет на оваа Влада е да обезбеди сигурни и добро платени работни места за младите луѓе во Македонија. Преку креирање на подобра бизнис клима и отворање на работни места,“ заклучи Лимани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.