Во пресрет на 4-ти февруари, денот на раѓањето на таткото на македонската нација – Гоце Делчев, официјална делегација на Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, за првпат во политичката историја на независна Мекедонија, го посети градот Кукуш (Егејска Македонија) – родното место на овој апостол на македонското револуционерно движење, соопштија од партијата.

Делегацијата составена од членови на Централниот комитет на Левица оддаде почит, положи свежо цвеќе и одржа „пригодна беседа, во знак на незаборав и непокор на македонската кауза“, во стариот дел на градот, каде што се претпоставува дека некогаш се наоѓала родната куќа на Делчев.

Нема родендени со премолчени места на раѓање!
Нема родендени со наведнати глави!
Нема родендени со страв од името на Славеникот!
И досега можеа да дојдат овде Учителе, во твоето родно место, во Кукуш – градот на Делчев и на Влахов, ама се плашеа од твојот прекор, оти си ги продадоа душите, ја запустија земјата и се одрекоа од себе си.
Македонија денес е оваа нова освестена генерација предводена од Левица, составена од млади и борбени луѓе, кои на Твојот роденден во Твојот роден Кукуш го носи крикот на обесправените, понижените и негираните! Ама, го носиме и заветот кој извира од утробата на Македонија – дека не е доцна да се исправиме и да си ја сетиме силата.
Додека националните изроди коленичат пред амбасадите во Скопје, ние – здружени во Левица – го следиме Твојот пат! Одлучно тргнавме по патеката на правдата, националното достоинство и надежта на обесправените – пат кој единствено води до светот како поле за културен натпревар меѓу народите.
Тргнавме лево, почитувајќи ја народната волја, и стигнавме до колевката на Македонското револуционерно движење.
Среќен ти роденден, Учителе!, порачаа од Левица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.