Политичката партија Левица, до надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, поднесе Претставка со барање за поведување на постапка за утврдување на тешка повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија, против Претседател на Собранието, Талат Џафери.

Видно од телевизиската снимка на собранискиот канал, која се појави во јавноста, по завршување на собраниската седница, Џафери предизвикал скандалозен и примитивен вербален инцидент, со употреба на вулгарен речник т.е. навредливи зборови и изрази насочени кон собраниските служби.

Однесување, насочено директно кон нарушување на угледот и достоинството на собраниската служба, не доликува на лице кое ја извршува функцијата Претседател на Собранието на РМ.

Во конкретниов случај сметаме дека се прекршени:

(1) основните етички начела предвидени во Кодексот, конкретно начелото на заемно почитување и почитување на личниот интегритет на другите, кое предвидува пратеникот при извршувањето на функцијата да го почитува угледот на секој поединец, воздржувајќи се од постапки и говори со кои може да предизвика омраза или нетрпеливост и

(2) основните правила за однесување, кои претставуваат основен постулат во градењето на заемна почит меѓу пратениците и останатите во законодавниот дом, а кои вклучуваат пратеничка должност за внимателно однесување и почитување на личноста и угледот на секој поединец, воздржувајќи се од зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажат други лица.

Најостро го осудуваме ваквото скандалозно однесување и доколку собраниската комисија утврди сторена тешка повреда од страна на спикерот Џафери, бараме да му биде изречена јавна опомена, по која собранискиот спикер нема да има морален кредибилитет да остане и да ја извршува позицијата – Претседател на Собранието на Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.