Левица ќе ја корегира веќе поднесената иницијатива за референдум, но доколку и таа корегирана верзија биде одбиена, тогаш се закани дека ќе спроведе целосна блокада на Собранието. Лидерот на партијата, Димитар Апасиев тврди дека враќањето на поднесената иницијатива е губење време, бидејќи, како што рече, неговата партија повторно ќе ја поднесе корегираната верзија, чие евентуално отфрлање ќе предизвика парализа на целиот Парламент.

Како ќе го изведе тоа , не е јасно со оглед на фактот дека има само два пратеника во Парламентот и без поддршка на ВМРО-ДПМНЕ тоа звучи неможно. Од Левица се надеваат дека ќе добијат таква поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и најавуваат дека ќе ги искористат сите начини да го парализираат Парламентот, нешто што беше забележано и критикувано во последниот извештај на Европската комисија.

Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“. Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум поднесено од политичката партија Левица не е подготвено во согласност со собранискиот Деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и побара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.