Партијата Левица бара да се протера бугарскиот амбасадор откако во Народното собрание на Република Бугарија „одекна национал-шовинистичката порака со територијални претензии кон Република Македонија, еднаква на оние во времето на фашизмот во Втората светска војна“. Левица потсетува дека пораката во која се вели „Македонија е Бугарија“ негира постоење на засебна држава искажана во едно народно собрание е невиден преседан за европската историја. Соопштението д партијата го пренесуваме во целост.

Минатата недела сведочевме на бројни понижувања на македонскиот народ и држава. Највисоките претставници на неколку земји од Европската унија, македонскиот народ и јазик ги нарекоа ‘северномакедонски’. Згора на сѐ, се појави францускиот предлог направен во соработка со министерот Османи, кој интегрирајќи ги сите бугарски барања, ги негираше постоењето на македонската култура, јазик, народ и држава.

За ситуацијата да биде полоша, од Народното Собрание на Република Бугарија одекна национал-шовинистичката порака со територијални претензии кон Република Македонија, еднаква на оние во времето на фашизмот во Втората светска војна. Пораката во која се вели „Македонија е Бугарија“ и негира постоење на засебна држава искажана во едно народно собрание е невиден преседан за европската историја.

За реактуелизирањето на големо-бугарската идеја, со која се рехабилитираат фашистички идеи и се загрозува територијалниот интегритет на Македонија, за жал не наидуваме на соодветна осуда или протест. Ниту од македонската Влада. Ниту од ЕУ, или пак т.н. стратешки партнери од НАТО.

Сметаме дека ваквиот курс на надворешна политика водена од ДУИ и СДСМ е недозволив и заради тоа Левица:

1. Инсистира на итен прекин на преговорите со Бугарија и престан на работата на т.н. историска комисија;

2. Бараме од Македонското МНР бугарскиот амбасадор да биде повикан на сослушување и да му биде врачена протестна, наместо вербална нота, како и прогласување за персона нон грата доколу отворената територијална претензија се констатира;

3. Продолжување на билатералните односи со Бугарија исклучиво во рамките на меѓународните организации каде што имаме еднаков статус како Советот на Европа, ОБСЕ и ООН;

4. Бараме Владата со отворено писмо да побара извинувања од претставниците на ЕУ, кои македонскиот народ и јазик го нарекоа „северномакедонски”,

5. Бараме во Собранието на Република Македонија веднаш на дневен ред да биде ставена Резолуцијата поднесена од Левица против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици и истата да биде изгласана од страна на пратениците, велат од Левица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.