Промена на позитивната листа на лекови, корекција на скрининг програмата, нови протоколи на Клиниката за онкологија за да се подобрат условите за пациентите, но и да се олесни работата на докторите, бараат здруженијата на пациентките болни од рак на дојка. Октомври е месец за борба против рак на дојка и се одржуваат бројни активности се со цел подигнување на свеста кај жените, но и кај мажите за самопреглед и редовни контроли.
Катерина Цаневска Арсовска, новинарка и онколошки пациент вели дека државата треба поорганизирано да настапува кон онколошките пациенти, да има доволно лекари и друг медицински персонал и лекови.
– Да има доволно доктори, медицински сестри, кревети. Мора многу поорганизирано да се настапува како држава кон онколошките пациенти, кон исполнувањето на услови за нивно лекување. Кога ќе одат да примат терапија, да не се плашат дали терапијата ќе ја има или ќе ја нема. Тешко е да нема терапија за некој од Скопје, кој ќе отиде и ќе се врати, па ќе доаѓа пак, ама замислете тоа да му се случува некому што е со километри оддалечен од главниот град. Затоа треба да се обезбедат сите, најдобрите видови на терапија и да ја примаат сите пациенти, на кои тоа им е потребно. Тоа е она што неопходно треба државата да го направи како еден од првите потези, за онколошките пациенти кои се борат со најтешката болест, како и за нивните семејства, кои заедно со нив ја водат таа битка и треба да помогнат во излекувањето, ни одговори таа.
Нејзината битка, како што кажува, започнала пред една година и се уште трае.
– Мојата битка сѐ уште не е завршена. Започна точно пред една година. Не кажував никому дека се сомневам дека имам рак. Тоа траеше долго време, тоа е најголемата грешка што ја направив во животот. Мојот апел до сите жени е редовно да се прегледуваат и доколку забележат нешто сомнително, веднаш да отидат на доктор, затоа што многу полесно се лечи, отколку да го поминуваат овој пат, јас што го поминувам. До мај месец примав хемотерапија на Онколошката клиника, сподели таа со нас.
Цаневска Арсовска дознала дека има рак во периодот кога во земјата започна аферата со биолошката терапија на Клиниката за онкологија. Вели дека тоа многу влијаело на севкупната состојба и дека не знаела кому да верува.
– Тоа што можам да го кажам од моето искуство, мојата одисеја на борбата со ракот, започна токму во времето кога изби аферата за наводна онколошка злоупотреба. Надлежните органи сѐ уште немаат поведено постапка, мислам дека сѐ уште се собираат најверојатно докази во Обвинителството. Првите два дена не знаев за себе ништо кога почнав да ја примам хемотерапијата, вели таа.
Слушала, читала, не можела да поверува што се случува, не знаела кому да верува. Тоа, според неа, била најстрашната работа. Бидејќи никој не кажувал што навистина се случувало. Многу прашања, околу тоа дали онколошките пациенти примале или не вистинска терапија. Одговор на тие прашања сѐ уште нема.
Цаневска Арсовска вели дека имаме добро обучени лекари и многу добри медицински сестри. Нејзината порака до сите пациенти кои се соочуваат со шокот дека заболеле од рак, е, да не се откажуваат во ниту еден момент.
– Треба да имаш само позитивна мисла, позитивна енергија, не треба нервози. Треба добра мисла и добра волја и решителност за справување со ракот. Редовни скринизни, редовна мамографија, редовни контроли кај доктор. Нема ништо пострашно од тоа, да се крие и да се бега од вистината, порача Цаневска.
Пациентките кои се борат со рак на дојка неретко својата мака ја споделуваат во групите на Фејсбук сакајќи на тој начин да алармираат дека нешто треба да се промени.
– Денес бев на Онкологија. Шест и пол часа за примање на редовна терапија од 40 минути. Гужва вообичаена. Место за седење нема. Докторите турбо, секој сака да заврши работа, а кога ќе влезе сака да му се посвети внимание, пишува на Фејсбук една пациентка. Наведува дека и во 14:30 часот кога завршила со терапијата во ходникот пред вратата за примање терапија се уште имало гужва.
Фондот за здравство најавува поголема достапност на лекови и проширување на Позитивната листа
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски во изјава за МИА вели дека пред некои лекови да бидат ставени на позитивната листа, треба прво да бидат регистрирани за употреба во државата. Трошокот за лекови во нашата држава, е некаде над 150 милиони евра годишно.
– Не можеме да ставиме на Позитивна листа, лек што не е донесен и регистриран во Македонија. Значи, некој треба да го донесе лекот во Македонија и да го регистрира, да биде во продажба и потоа на барање на производителот, увозникот, дистрибутерот, да ги разгледаме причините за ставање на позитивна листа, вели Клековски.
Од друга страна, додава тој, бидејќи јавните финансирања не ги покриваат сите лекови, прашање на јавна политика е, кои лекови треба да бидат финансирани.
– Моето разбирање е дека кај болестите каде има повисок морбидитет и морталитет, односно почесто луѓето се разболуваат и умираат од тие болести, тука треба да се трудиме да апдејтираме, посочува Клековски, додавајќи дека тоа треба да биде и финансиски возможно.
Еден од првите следни чекори, како што најавува директорот, ќе биде дел од лековите достапни во болничко лекување, да се направат достапни во аптека за да нема потреба пациентите да одат во болница да ја подигнат терапијата или да бараат рефундација потоа на шалтерите во Фондот. Целта е, како што додава, Клиниката за онкологија да се растерети од гужва.
Клековски вели дека планираат и дополнителни средства за 2025 година за проширување на Позитивната листа.
Извор: МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.