Иднината е многу важна и треба да гледаме кон неа, а единствен начин да се подготвиме за неа е образованието. Луѓето го поврзуваат образованието со пазарот за труд, дека треба да се подготвиме за новите работни места, новото работно време, но ако ја погледнеме иднината ќе видите дека над 65% од работните места кои во иднина ќе ги работат нашите деца, денеска не постојат. Затоа треба да градиме иновативен систем во кој ќе внесуваме иновации, кој ќе биде флексибилен и нема да дозволуваме да се злоупотребува демократијата, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната панел дискусија на тема „Образование и спорт“ на Саем на проекти за млади „Иднина за сите во Македонија“ во организација на Унијата на млади сили.

Лефков потенцираше дека власта во образованието прави злоупотреба на демократијата во Македонија.

–  Сите одлуки кои ги носат, се водат од нечии мислења и се оправдуваат со процесот на демократија, а одлуките треба да бидат водени од податоци, од анализа. Образованието значи кои сме ние, кои вештини ќе ги стекнеме, а има и друг аспект кој е важен, афективното знаење. Тоа доаѓа кога ќе имате чувство за нештото. Кога учиме за историјата за вековната борба на македонскиот народ, се случува да заборавате за бројки, но останува афективниот момент на почит за жртвата која е дадена, рече тој.

Лефков посочи дека образованието кај нас потфрли да создава луѓе кои се спремни да се жртвуваат, да инвестираат, да даваат за својата држава, а во исто време со недостатокот на учебници, кадар, прилагодени образовни програми се уништуваат и вештините за работа.

– Образованието власта го гради базирано на неколку наши политичари, затоа мора следната влада на ВМРО-ДПМНЕ мора да се посвети на иновации и одлуки базирани на факти, а не нечие мислење и популизам. Оваа влада има свој крај и тоа е добра вест, ќе дојде и одговорност, а потоа и реформирање на образованието базирано на анализа, податоци и поглед кон иднината. Тоа може да го ветиме на идните генерации, нагласи Лефков.

Лефков посочи дека во Македонија се намалува бројот на запишани првачиња и тоа за речиси половина.

Луѓето ни се иселуваат, а луѓето од владата по тоа прашање купуваат трговски центар на својот внук, се занимаваат со нечесни работи. Ако се иселуваат луѓето каков континуитет може да има државата? Добрата вест е што завршува нивното владение затоа што ова е власт која не се грижи за иднината на нашата држава, истакна Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.