Додека Димитар Ковачевски е премиер, неговата сопруга добива државно земјиште со Одлука на влада по багателна цена. Наместо Ковачевски, потпишал Груби, имено додека Ковачевски го брани Артан Груби за криминалниот надзор од 22 милиони евра, Артан Груби потпишува Одлука за продажба на земјиште за фотоволтаична централа на сопругата на Ковачевски по цена од 70 денари за метар квадратен, истакна на денешната прес конференција, Миле Лефков од ВМРО ДПМНЕ.

На 14 март на седница на владата, со која претседава Груби, е донесена Одлука со која што се задолжува општина Радовиш да се продаде државно земјиште од 1.119 м2 на фирмата Сол Груп 5 ДОО Скопје, каде сопственик е сопругата на Ковачевски.

Владата, во случајов Груби, прави непосредна спогодба со фирмата на сопругата на Ковачевски, и врз основа на таа непосредна спогодба е донесена Одлуката за продажба на 1.119 м2 државно земјиште по цена од 70 денари за м2.

Фирмата на сопругата на Ковачевски ќе купи 1.119 м2 земјиште за вкупно 1.273 евра.

Ова е последната сложувалка која е потребна за фирмата на сопругата на Ковачевски да ја дооформи парцелата и да пристапи кон вадење на дозволи од институциите за изградба на фотоволтаичната централа, и тоа е направено со потпис на Груби. Да потсетиме ова е втор бизнис на семејството Ковачевски со фотоволтаици, првиот е основан од Димитар Ковачевски преку фирмата Пиксел Груп, која сега е во посед на неговиот кум Горан Паунов, фирма за производство на фотоволтаични панели, која својот бизнис забрзано го шири со доаѓањето на СДС на власт, кога е и формирана. Ја повикуваме ДКСК да отвори случај и да ја испита Одлуката потпишана од Груби со фирмата на сопругата на Ковачевски – рече Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.