„Никогаш немало повеќе пцовки, повеќе омаловажувања, повеќе кршење на Деловникот на Собранието, самоволно и своеволно толкување на Деловникот за она како треба да се применува. Македонија се наоѓа во незавидна состојба кога ќе се погледне здравствената, електроенергетската состојба, сите аспекти ни се распаѓаат а со раководењето на законодавниот дом од страна на Талат Џафери за жал се урнисува она што се гради како демократски капацитет“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков  за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија говорејќи за поднесената интерпелација за Талат Џафери.

Лефков истакна дека немањето на одговорност не доведува таму до кај што сме, затоа мораме да воспоставиме систем секој да одговара, затоа се бара Џафери да одговара за стореното.

„Тој го прекршува и Етичкиот кодекс и на граѓаните на некој начин му дадоа јавна опомена и затоа треба да се повлече од спикерската функција. Самоволието го виде и јавноста со пцовките, навредите во  Собрание, со последните настани каде буквално бевме заклучувани во собраниската сала, а тоа не го дозволува Деловникот. Според Деловникот заклучување е дозволено само ако има поименично гласање изјаснување на пратениците, но за да дојдете до тоа треба 5 пратеници да побараат. А тоа се прави со цел за заштита на интересот на јавноста кога се гласа за некој закон. Што овде не беше случај“, рече Лефков.

Лефков потенцираше дека однесувањето на Талат Џафери во Собранието прави непријатна слика за државата и демократските процеси.

„Кога имате држава која потфрла на секое поле граѓаните се борат со инфлацијата, да се руши демократскиот капацитет. Тоа не смее да се дозволи.  Тоа е навистина непријатно чувство кога спикерот кој треба да биде прв меѓу еднаквите го прави тоа, се со цел да бидеме замолчени. Ова се случува за да се заштитат интересите на СДСМ и ДУИ.  Поради сето ова и целосно нарушената клима за работа на Собранието  затоа дојде интерпелацијата“, изјави Лефков.

Лефков посочи дека дилетантското однесувањето на Џафери е слика на власта и затоа неопходни се и предвремени парламентарни избори.

„Затоа бараме поддршка од народот, ваквите чинови на кршење на законите и демократијата треба да бидат силно осудени. Станува збор за претседател на Собранието. Додека не дојдеме до предвремените парламентарни избори да не дозволуваме дополнително да се крши демократијата“, изјави Лефков.

Лефков во текот на емисијата се осврна и на денешната средба во Уставниот суд помеѓу претседателот на Собранието, претседателот на државата, премиерот и претседателот на Уставниот суд.

„Денес во уставниот суд се сретнале претседателот на Собранието, премиерот на државата, претседателот на државата и претседателот на Уставен суд, тоа е една катастрофална слика за демократијата. Затоа што морате секогаш кога се случуваат овие големи работи, секогаш морате да го гледате контекстот во кој што се случуваат истиве работи. Токму се случува во момент кога имате пцуење и навредување на вработени и во момент кога имате заклучување на пратеници. Така да тоа наликува на само на обид за спас на коалицијата СДСМ – ДУИ“, истакна Лефков.

Лефков додаде дека Уставниот суд не е дел од судската власт. Уставниот суд според Уставот на Република Македонија се наоѓа над трите власти. Уставниот суд не создава право, туку треба да одредува само што е тоа неправо.

Лефков посочи дека дури има и пасивизација кај пратениците од СДСМ. Токму таа пасивизација се случи откако се најави блокадата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние видовме дека како контра тежа на активноста на пратениците на опозицијата се појави спикерот. Значи не се создаде една ситуација на натпревар пратеници против пратеници, туку се создаде една слика на пратеници против спикерот, затоа што тој сакаше со кршење на Деловникот практично да ја замолчи опозицијата“, појасни Лефков.

Лефков додаде дека лошото владеење на власта и пасивноста на нивните пратеници носи кон пад на нивниот рејтинг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.