Талат Џафери спротивно на Деловникот за работата на Собранието ја одложи точката за гласање за потребата од отворање на Уставот. Според Деловникот, гласањето мораше да биде во петокот кога беше завршен претресот и имаше обезбедено кворум за гласање, изјави на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на законот, а не за измена на Уставот, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да се одложи гласање за измена на Уставот. Талат Џафери свесно го прекрши Деловникот за работата на Собранието за да им овозможи на ДУИ и СДС да останат на власт ден повеќе – рече Лефков.

Џафери, додава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, е ставен во улога на спасител на владините фотелји прекршувајќи правни акти и процедури.

Според него, Џафери е свесен дека кога и да се стават уставните измени на гласање, тие ќе пропаднат, но и дека по тоа, не останува ништо, освен одење на избори, затоа Џафери одолжува.

Го повикуваме Талат Џафери да се вразуми и да ги стави на гласање уставните измени. Колку подолго власта вештачки се одржува, толку полошо за Македонија, но и толку потежок ќе им биде поразот – додава Лефков.

Во 13:00 часот спикерот Џафери закажа прес-конференција на која ќе одговори на обвинувањата од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ за кршење на Деловникот на Собранието.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.