ЕУ и НАТО се обидуваат да ги претворат Македонија и Црна Гора во „инструменти“ на антируската игра, исто како што се обидоа тоа да го сторат со Украина и со голем број други источноевропски земји, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската онлајн телевизија „Наше Кино“.

– Има впечатлива разлика меѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат за Русија и она што го прават нивните политичари под принуда од Брисел, ЕУ, НАТО, оценува Лавров, додавајќи дека бил во Скопје и Охрид видел како „луѓето во Македонија се однесуваат кон нашата заедничка историја и религија“.

Тој нагласува дека земјава го промени името во Македонија за да влезе во ЕУ, но „не беше примена и нема да биде примена во скоро време“.

– Наместо тоа, ги вовлекоа во НАТО и почнаа да ги подгреваат русофобични чувства и агресивната политика кон Руската Федерација. Истото го направија и со Црна Гора: им ветија дека ќе влезат во ЕУ, но им рекоа дека треба да влезат во НАТО, да се приклучат кон санкциите и да заземат став кој е отворено антируски. Тоа е тажно, додава Лавров.

Шефот на руската дипломатија во интервјуто се осврнува и на одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, оценувајќи ја како позитивна.

– Мислам дека тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј, изјави Лавров, оценувајќи дека тоа е „достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“, кој според него, се обидел „засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред се, српската и македонската“.

Лавров нагласува дека обновувањето на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква е мудра одлука.

– Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство и со Руската православна црква, за што сме ние заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието, заклучи Лавров



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.