Ако мислите дека СДСМ ја загубиле власта по изборите, тоа е и точно, иако релативно. Ако ви се чини дека сега друг има власт над сите државни институции во Македонија, е тука сте погрешиле. За тоа ќе треба да помине уште време. Да, СДСМ и ДУИ и понатаму имаат силна контрола над неколку, и тоа битни, сегменти на владеењето. Пред се врз најмоќниот, врз правосудниот систем. А со него се почнува и кај него секоја корупција и тортура завршува – пишува Драган Павловиќ Латас.

Во неговата колумна стои:

Премногу долго, и премногу длабоко е вкоренета корупцијата на СДСМ и ДУИ позлатена со голем кеш украден од државната благајна за да исчезне за пар месеци. Многу луѓе од власта се должници на заевистите, а долгот треба да се врати или, во спротивно, да се отворат архивите па должниците да бидат казнети.

Гледам шокантна сторија на Канал 5 која, случајно или сепак намерно, другите телевизии ја преќутеа. Гледам и чекам која ќе биде реакцијата на Собранието кое е одговорно за работата на државниот (јавниот) обвинител и на обвинителскиот совет. Со ќутење држава не се прави, особено кај оние кои се платени да не ќутат.

Имено, Канал 5 објави дека државниот (јавниот) обвинител повикал обвинител од Вишото обвинителство и му давал забелешки и насоки како да се однесува во кривичен предмет. Тој предметот, и уште два, се дело и недело на обвиненија од СЈО кое заврши како корумпирана неуставна дружина. Вишиот обвинител, замислете, имал став различен од обвинителите на СЈО за што му најавена контрола на однесувањето и дисциплинска комисија.

Контролата на предметите во кои тој се охрабрил да размислува различно од СЈО ќе му ја врши – обвинителка од СЈО! Директно заинтересирана страна бидејќи обвиненијата на СЈО се решаваа на колегиуми во кои учествувала и обвинителката контролор. Која објективност се очекува од неа да решава поинаку од она што го решавала кога била во СЈО, а тоа е дека се што ставил Заев на список мора да се стави и во затвор. Тој бирал, тие егзекутирале.

Се поинаку од тоа е предавство кон заевизмот, а тоа е опасно за обвинителите на СЈО бидејќи кај Заев се архивите за нивното однесување, записниците за парите кои им се платени и, најпосле, кај Заев стојат се уште нерешените запленети телефонски разговори на Јавното обвинителство во кои, богами, има путер за многу обвинителски и судски глави.

Патем, целава приказна ја потврди и шефот на Вишото јавно обвинителство кој застана во одбрана на интегритетот и стручноста на својот колега. Двајцата настапија јавно, со лични изјави, и тоа е прв конкретен доказ за партизација и компромитација на Обвинителството. Да, знаеме сите дека така работат но, ова е прв доказ од внатре дека тоа се случува.

Ако овој прв обид на слободен глас во одбрана на стручноста и интегритетот во обвинителството против внатрешната тортура и заевистичка чистка биде задушен на следен ќе чекаме долго. Многу долго… Но, ако биде од јавноста одбранет, ќе се нижат нови сведочења и ќе има нови, и нови чекори до расчистување во обвинителството и судството кои, да потсетам, со доверба од 2-3% во јавноста се институции со најмала доверба во било која институција од постоењето на Македонија во 1945. па до денес. Ваков блам во Македонија немало, и ќе нема.

Е па, другари пратеници, ова е прво задача за вас. Потоа за советот на обвинителите и, секако не најмалку важно, иако на крај спомнато, за медиумите. Нема граѓанин кој може да биде сигурен дека еден ден, за нешто, нема да се појави во судот, било да е гонет и тужен, или тој да тужи и оттаму нема човек кој нема интерес да следи како овој скандал ќе се одвива. И како ќе заврши.

Основа на државата е нејзиниот правен систем. Тој гарантира заштита на малиот од големите кои имаат влијание на обвинителите и судиите во било кој случај. А секој е потенцијална идна жртва на компромитиран правен систем. Секој.

Системот на обвинителството и судството почна да паѓа кога Зоран Заев, обвинет за корупција од скандалот “евро за Вицето…“ јавно кажа дека нема да оди на судење бидејќи не го признава судот. И не отиде. И не го собраа со комбе за да биде присутен на идното рочиште како што би постапиле за секој друг граѓанин.

Заев и заевистите уште пре да дојдат на власт прво го нападнаа обвинителството и судот. Таму ја проценија централата на моќта, алатката на нивното идно тоталитарно владеење. Во мај 2016. Шарните и буквално извршија напад врз Уставниот суд кој мораше да го брани полиција. Претседателкатата на Уставниот суд, Елена Гошева, изјави дека судот нема да дозволи да суди улица наместо нив.

И кога СДСМ и ДУИ дојдоа на власт ја сменија судијката, го сменија обвинителот и го преквалификуваа обвинението за Зоран Заев, па судија избран од заевистите го ослободи Зоран Заев од одговорност откако тој стана премиер. Премиер во време кога за него се води постапка за поткуп снимен со видео од полициска камера.

Целиот текст на Вечер.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.