Една година помина од кога на чело на оваа влада е Димитар Ковачевски, истиот тој барајќи спас за себе и уште некое време дишење на шкрги на ова парламентарно мнозинство денес ни нуди разрешување на министри, а потоа на наредна точка именување на нови министри – вели Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Лашкоска смета дека и оваа реконструкција нема да овозможи на владата и парламентот да функционираат, додавајќи дека Ковачевски ги испазарил министерствата за здравство, правда и информатичко општество.

Премиерот Ковачевски мачејќи се да има некакво парламентарно мнозинство на Пазар 3 во просториите на Илинденска ги испазари министерствата за правда, здравство, информатичко општество, и заменичките места за земјоделие и одбрана. Но, и да се изгласа реконструкција на оваа влада нема да овозможи функционирање на парламентот, а со тоа и на институциите во државата – рече таа.

Според Лашкоска предлогот за разрешување на министрите Ковачевски треба прво да го гледа како свој личен неуспех.

Предлогот за денешното разрешување треба Ковачевски прво да го гледа како свој личен неуспех, затоа што пазарењето не треба да е причина за промена на министри – додаде Лашкоска.

Лашкоска се осврна на неспособноста и неуспехот на досегашните министри, укажувајќи дека тоа е една од најголемите причини зошто Ковачевски треба да си поднесе оставка и да си замине.

Една од најголемите причини зошто Ковачевски денес заедно со овие министри треба да си поднесе оставка и да замине е здравството во државата. Здравство немаме, здравството тоне – потенцираше Лашкоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.