Немам конкретни информации, но од страна гледано изгледа дека целата ситуација е резултат на раслојување, апатија и револт од потенцијални партиски пазарења со кои поединци ќе си го продолжат партискиот живот на вискоки позиции, не водејќи сметка за тоа дека местото за опозициско делување нема да остане долго непополнето. Ако не е СДСМ силна опозиција, ќе биде некој друг, во разговор за „Локално“ вели поранешната пратеничка во Собранието и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Софија Куновска за случувањата околу Конгресот во довчерашната владеачка партија.
Според Куновска, актуелната пратеничка група на СДСМ не може да се спротистави жестоко доколку новата власт не ги исполнува ветувањата или пак продолжи по истите патеки како властите во последниве петнаесетина години. Куновска оценува дека истите пратеници кои беа казнети на последните избори не можат да бидат нов квалитет, нова надеж или ново лице на СДСМ.
Ако не можеа да бидат од полза за граѓаните од позиција на власт, од опозиција уште помалку. СДСМ може да заздравува и да го врати сонот за победнички патеки само со енергични, бистри и искрени луѓе неоптоварени од клиентелизам и дамки од минатото, децидна е Куновска.
За кандидатите за лидери на партијата и дали може да се споредат со „тешкашите“ во СДСМ и поранешни шефови како Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и Радмила Шекеринска, Куновска посочува дека нема намера некого да глорифицира ниту пак да омаловажува.
Фактите се немилосрдни и сведочат за следното: Во 2013 откако СДСМ загуби на локалните избори, новодојдениот претседател Зоран Заев и заменичката Шекеринска ги исчистија соработниците на претходниот претседател и пред органите на партијата побараа доверба за нивниот нов тим. Ја добија. Скандалозно беше дека имаше потпретседател на СДСМ од поранешната МААК на пример, но сепак тимот доби доберба. Кога пак Заев дојде на чело на владата во својот тим интегрираше поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ (Ден Дончев) инаку свој роднина, потписници на ВМРО-вските списоци на професорски контрапленум и блиски соработници на Груевски како Рашковски, Филипче кој беше и советник на тогашниот министер за здравство од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров итн, објаснува поранешната пратеничка од редовите на СДСМ.
Куновска тврди дека по наводното, поточно лажното заминување од челната позиција на СДСМ и владата по поразот на локалните избори во 2021 година, Зоран Заев инсталирал свое решение за прв човек и на партијата и на владата.
Двојните стандарди кога доаѓа и заминува Заев се повеќе од очигледни. Едно правило важи кога Заев доаѓа, а друго кога Заев заминува. Денес, после катастрофалниот пораз на претседателските и парламентарните избори повторно влијае на изборот за наследник на Ковачевски иако демократската јавност бара дисконтинуитет од неспособноста на од него избрани и назначени кадри, да испорачаат адекватни политики и вистински општествени реформи, анализира Куновска.
Целото интервју на „Локално“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.