Клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола не ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи иако рокот за тоа истече, а денеска истекува и рокот за останатите препораките во однос на името и содржината, па доколку не постапи по нив, следува прекршочна постапка, порачаа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната прес-конференција.
Како што информираа оттаму бидејќи истече рокот за отстранување на содржините на социјалните мрежи за кои е утврдено дека освен што шират вознемирувачки говор во кој се величаат ликот, делото и идеологијата на Михајлов, постојат и сериозни индиции дека имаат расна и ксенофобична содржина, предизвикуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација и го повредуваат правото и слободата на поголем број на луѓе, сега понатамошната постапка ја води Основното јавно обвинителство.
Членот на Комисијата, Весна Бендевска потенцира дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, сепак решиле тоа да го препуштат на Основното јавно обвинителство, кое побарало од нив до достават информации и копии од спорните содржини објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.
Спорните содржини упатуваат не само на вознемирувачки говор, туку постојат сериозни индиции дека се повредуваат правата на поголем број на луѓе, а тоа упатува на одредби од членот од Кривичниот закон, со што топката ја префрламе на Основното јавно обвинителство, изјави Бендевска.
Таа додаде дека денеска истекува и рокот за препораките и во однос на спорното име и содржината на клубот, со што следен чекор е заседавање на Комисијата и утврдување на можна прекршочна постапка.
Бендевска појасни дека во однос на овие две препораки, Министерството за правда треба да достави писмо, бидејќи тие се задолжени да извршат вонреден надзор на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации, а културниот центар треба да докаже пред Централниот регистер дека одлучиле да го сменат името.
На конференцијата беше информирано дека до Комисијата пристигнале голем број на претставки од граѓански здруженија кои се однесуваат на бугарската заедница во државава.
Впрочем ние сме затрупани со такви претставки, кои во најголем дел доаѓаат од здруженија на граѓани со оправдан интерес. Тие постапки се во тек и ги работиме, рече Бендевска.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) минатиот месец утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност во врска со формирањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов” – Битола. Седиштето на Клубот беше отворено годинава во строгиот центар на Битола, чин што ја разбранува јавноста, но и институциите, поради спорното име и содржините објавени на социјалните мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.