Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба на Основното јавно обвинителство – Скопје против решенија на судии од претходна постапка од 5 јануари, со кои на четири лица им определи мерки на претпазливост, а поврзани со случувањата во М-НАВ, во текот на денешниот ден оформи предмет по добивање на одговор на жалба од одбраната.

Со оглед на барањето на странките во постапката, но пред се заради доследно почитување на законските одредби, судот во рокот од 48 часа ќе донесе соодветна одлука за што ќе ги информира странките и јавноста, се посочува во денешното соопштение од Кривичниот суд.

Во однос на прашањата поврзани со други лица инволвирани во случајот, Судот информира дека до попладнево јавниот обвинител до судот нема поднесено дополнително барање за определување мерки и за други инволвирани лица освен за четворицата кои веќе се под мерки за претпазливост.

За нападот во зградата на М-НАВ и напад на вработени, Кривичниот суд им одреди мерки за претпазливост на Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и уште три лица иако Јавното обвинителство бараше притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.