Членови на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) денеска на протест пред Собранието повторно изразија револт од предложените измени и дополнувања на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кој, пак, истовремено, се разгледуваше во второ читање во собраниската Комисија за европски прашања.

Со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се предлага ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии, како и да бидат оддалечени од училиштата најмалку 500 метри.

Горан Стојменов, претставник на АПИС, изјави дека евентуалното усвојување на измените во ваква верзија ќе остави 10 000 вработени без егзистенција, а Буџетот ќе загуби 280 милиони евра годишен приход.

Измените во ваква верзија ќе ја вратат земјава во 1990-та година, кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња и диви играчници по подруми во секое мало. Државата ќе нема никаква контрола, тогаш младината ќе биде навистина загрозена. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставниот суд, ќе следат тужби за астрономски штети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 000 вработени, од 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар. Сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, а банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Буџетот ќе загуби 280 милиони евра годишен приход, што е најмалку 5 отсто од предвидените државни приходи за 2024 година, рече Стојменов.

Доколку не ги прифатат предупредувањата, Стојменов вели ќе следат серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство.

Претседателот на АСОМ, Васко Илиевски истакна дека блокирањето на улицата пред Собранието е само прва од блокадите што ќе следуават сѐ додека не се слушне нивниот глас. Целта на овој закон, според Илиевски, „е да се затворат легалните домашни компании, за да може Владата преку онлајн страници со странски компании од Бугарија да го преземе бизнисот“.

Илиевски оцени дека „личните апетити се поголеми од европскиот пат на земјата“, бидејќи, како што рече, и покрај укажувањата за злоупотреба на европското знаменце од страна на евроамбасадорот Дејвид Гир и претседателот на земјава Стево Пендаровски, Владата продолжува да го турка овој закон.

Безобразно е што извештајот на ЕУ нотира дека се злоупотребува европското знаменце, а Владата продолжува да го турка овој неевропски закон. Иако и евроамбасадорот Гир, и претседателот и повеќе стручни лица коментираа дека со европско знаме насила се форсира закон за кој што е јасно дека не постои европска директива. Личните апетити се очигледно поголеми од европскиот пат на земјата, изјави Илиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.