Ситуацијата во Македонија е загрижувачка. Меѓу народот владее апатија и разочараност, сиромаштијата се чувствува во секој дом, цели семејства се иселуваат, власта наместо да ги решава проблемите на граѓаните, времето го користи за крадење и нови бизнис зделки од кои тие лично профитираат, изјави носителот од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 3, Драган Ковачки на митингот во Делчево.

-Но, овие избори се шанса за промена. Овие избори се последен спас за Македонија и народот. Шанса да ја вратиме Македонија повторно кај вас граѓаните, затоа што вие сте силата на една држава. Промените се можни само со победа на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачки.

Ковачки истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нуди Платформа 1198 која се обврзува да го подобри квалитетот на живот на сите граѓани и целосно да ја трансформира Македонија.

-Ветуваме реализација на економски раст од 5 проценти, отворање на нови 55.000 работни места, отвораме фронт против корупцијата – проверка на имотот на судии и јавни обвинители и нивните семејства, 250 милиони евра за инвестициски бум во општините и тоа без разлика дали со нив управува градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ или СДС. Реорганизација на министерствата и институциите и намалување на бројот на функционери. Ќе го зголемиме надоместокот за социјална помош. Платформата 1198 се обврзува на линеарно покачување на пензиите за 5000 денари. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка, поевтини сметки за струја преку укинување на измислената тарифа за пристап до мрежа, како и 800 милиони евра за македонските земјоделци, загарантиран откуп и цена на земјоделските производи, изјави Ковачки.

Ковачки нагласи дека она што е важно за Делчево е изградба на експресен пат од Кочани до Делчево, ќе се скрати патот за околу 12 километри, потоа изградба на нов експресен пат Делчево – Виница преку Калиманско поле, како и реконструкција на патиштата до Пехчево, Берово и Македонска Каменица.

-Се обврзуваме на изградба на пречистителна станица за отпадни води на град Делчево, изградба на мини пречистителна станица за отпадни води во село Град, село Стемер, село Врче, село Тработивиште. Реконструкција на главни потисни цевководи за вода за пиење во град Делчево, како и изградба на нови главни потисни цевководи за вода за пиење за селата Габрово, Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор. Изградба на нов мост на реката Брегалница. Платформа 1198 се обврзува на доизградба на водоводна, канализациона и патна инфраструктура во ТИРЗ Делчево. Покрај можноста за производство на електрична енергија во Централниот исток ќе се разгледа можноста за снабдување со топлинска енергија во Делчево и Македонска Каменица, изјави Ковачки.

Ковачки ги повика граѓаните да дадат поддршка на 24 април за Гордана Силјановска Давкова, а потоа и на 8 мај, како и за коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за да се врати достоинството во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.