Премиерот Димитар Ковачевски позитивно одговори на предлогот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски бројот на пратениците во македонското Собрание да се намали на 90 од актуелните 120.

Остануваме на ставот, значи ги каниме сите политички партии и политички фактори во државата да разговараме за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 во македонското Собрание. Со што цениме дека ќе се подобри функционалноста на македонската демократија и ќе се намалат трошоците, изјави Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за намалување на бројот на пратеници и една изборна единица зборуваше синоќа во интервјуто „360 степени“. Со вакви промени, смета Мицкоски, ќе се намали бројот на привилегирани пратеници, а со тоа и фрустрацијата на граѓаните.

Сакаме да предложиме концепт за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, слично како словенечкиот концепт, како и воведување на една изборна единица. Овој гломазен систем од 120 пратеници е преголем, тој делува премногу фрустрирачки за граѓаните, преголеми се трошоците, преголема е и акумулираната моќ. Со намалување на бројот на пратеници на 90, ќе се намали и бројот на привелигирани пратеници. Ние сме и за воведување на една изборна единица, бидејќи имаше и други политички партии кои го поддржуваат тој концепт. Подготвени сме за овој концепт, рече Мицкоски.

Претходно и лидерите на Демократскиот сојуз (ДС) и на ЛДП го поздравија синоќешниот предлог на Мицкоски за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, како и тоа што сега за опозициската партија е прифатливо воведување една изборна единица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.