Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека би прифатил да биде заеднички кандидат за претседател на државата, потенцираше оти истата покажува дека СДСМ е на исклучително демократско ниво и секој кој ги исполнува критериумите согласно правилникот, може да биде предложен.

Тоа што го кажува потпретседателот на партијата Битиќи, апсолутно е во корелација со тоа што го кажувам, а тоа е дека оваа постапка во нашата партија е на исклучително високо демократско ниво. Секој може да биде предложен, кој што ги исполнува критериумите согласно правилникот и сечија кандидатура и амбиција, сечиј капацитет и потенцијал нормално дека од Извршниот и од Централниот одбор на партијата ќе бидат земени во предвид, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека ќе биде номиниран претседателски кандидат којшто ќе го продолжи она што Владата го прави, а тоа е да ја продолжи европската интеграција на државата.

Вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју за телевизија Алсат, како одговор на новинарско прашање дали би прифатил да биде претседателски кандидат, рече дека би прифатил таква понуда, ако се бара консензуален кандидат.

Во однос на информациите дека Бујар Османи наводно ќе биде кандидат на ДУИ за претседател, Ковачевски рече дека секоја политичка партија има легитимно право да кандидира кандидат за претседател.

Секоја политичка партија има свое легитимно право да кандидира кандидати за претседатели. Секоја политичка коалиција има легитимно право да кандидира и секој поединец има легитимно право да се кандидира за претседател за која било друга функција, рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.