Јас немам потпишано одлука Бесмира Ејупи да биде генерален конзул во Њу Џерси, истакна премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното гостување на ТВ24.

Ние таму имаме конзул кој е дипломат со кариера и таму ќе остане веројатно до крај на мандатот. Не постои план за негово отповикување – рече Ковачевски.

Во однос на прашањето дали одлука за Ејупи била донесена на затворена владина седница, тој рече дека за одлуките на вакви седница не може да коментира, бидејќи информациите се класифицирани.

Јас не ја познавам Ејупи. За нејзиното име првпат слушнав на вести. Не можам да навлезам во шпекулации кои ја предложил – посочи Ковачевски.

Во однос на кризата со којашто се соочува Македонија поради конфликтот помеѓу Русија и Украина, премиерот вели дека не може да се предвиди до каде ќе се продлабочува.

Ако ја гледаме цената на нафтата во последните пет дена, таа дневно расте по 100 долари. Очекувам тоа да биде по нагорна линија и тоа е резултат на војната што се води во Украина. Тоа предизвика диснбаланс на светските берзи, пред сѐ на енергенсите и електричната енергија. Само ја зголеми и ја продлабочи кризата и влијаеше на цената на храната на светските берзи. Најголем дел се зголемени за над 50 отсто, а на јагленот е петпати зголемена цената. Тоа предизвика негативни економски последици кај нас. Владата уште во средината на минатата година донесе одлука за намалување на стапката на ДДВ – рече Ковачевски.

Тој повтори дека имаме доволни количини резерви со нафта.

Имаме резерви на нафта согласно нашите потреби, ние можеме да ја купиме цела нафта на светот, но мораме да ја складираме некаде. Производителите на нафта низ целиот свет плаќаа за чување на нафтата низ секакви складови. Цената на нафтата која ја имаме во резерва е со пониска цена, но количините се ограничени и тие што можете да ги купите и тие што може да ги складирате – рече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.