Шефовите на држави и влади на 30-те земји членки на НАТО се состануваат денеска во Брисел за да ги координираат следните одговори на војната во Украина и руската агресија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Премиерот Димитар Ковачевски, но и претседателот на САД, Џо Бајден, како и сите останати лидери на Северноатлантската алијанса пристигнаа вчера во Брисел за денешниот вонреден самит на НАТО. Тие ќе разговараат за состојбата во Украина, еден месец по стартот на војната, зајакнувањето на одбраната на НАТО членките, но и улогата на Кина во оваа криза, најави вчера генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Како што најави Столтенберг вчера лидерите ќе разговараат за испраќање на нови борбени групи на истокот на Алијансата, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, за да се засили присуството на земјите сојузнички во соседството на Русија, кои стравуваат од евентуален руски напад на нивна територија.

НАТО јасно стави на знаење дека секој напад врз нејзина земја членка веднаш ќе го активира членот пет на Алијансата и ќе доведе до одговорот на сите останати земји на Алијансата.

Но, НАТО и натаму нема намера да влегува во конфликтот помеѓу Русија и Украина, ниту преку затворање на небото над Украина, ниту преку испраќање на трупи. Дополнителна помош ќе му биде испратена на Киев за да се справи со руските напади.

Се очекува украинскиот претседател, Володимир Зеленски да се вклучи на состанокот преку видео врска и да им се обрати на 30-те земји. Познато е дека Киев бара од НАТО да го обезбеди небото над Украина, но за најголемиот број земји на Алијансата ваков чекор е незамислив бидејќи тоа би значело директен судир со Русија, а со тоа и можна војна на целиот континент.

Генералниот секретар предупреди дека одлуките коишто НАТО ќе ги донесе денеска ќе имаат далекусежни последици, а од владите на земјите членки ќе се бара да ги зголемат воените трошоци.

Денеска и утре во Брисел се одржуваат и лидерски состаноци на ЕУ и на Г7 групата, каде ќе се придружи и американскиот претседател. За сите е Украина и одговорот на Западот главна тема



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.