Завршетокот од својот говор од илинденската прослава на Мечкин Камен, премиерот Димитар Ковачевски го искористи за платена објава на Фејсбук.
За потсетување, делот гласи:
-Ние никогаш нема да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме и од што сме направени, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја.
Нека им е вечна слава на Илинденците!
Нека ни е честита Слободата и Републиката!
Конкретно, помалку важно е со чии пари премиерот Ковачевски ја платил објавата, дали со буџетски, што ќе рече народни пари, или со лични средства. Важно е дека нејзината содржина е крајно двосмислена и што во многу наликува на една изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, анализира „Пресинг ТВ“.
Крајно дискутабилно е тврдењето на Ковачевски дека „ние никогаш нема да заборавиме кои сме“. Зашто, тоа ги поставува прашањата дали притоа мисли на Македонците и нивниот етнички идентитет и што ќе биде доминантно во формирањето на истиот кај идните генерации-дали образовниот систем, моделиран според потребите на грчката и бугарската пропаганда, согласно потпишаните договори, или, пак, улогата на домашното воспитување и семејната традиција? Историјата покажува дека со „јаничарите“ и „јаничарењето“ секогаш тешко се излегувало на крај, а нема зошто да се врува дека поинаку ќе биде и во иднината-се наведува во анализата на „Пресинг ТВ“.
И вториот сегмент од изјавата е индикативен, со оглед дека виси одговорот дали Ковачевски мисли на словенската припадност на Македонците и нивното доаѓање на Балканот во шестиот век од „Зад Карпатите“, што основната дистинкција од нивната „античка припадност“.
Но, најконтроверзно е последното тврдење дека знаеме „од што сме направени“ и притоа на кого и на што мисли. Ваквото тврдење има сексолошко, научно, религиозно, генетско и какво уште не значење.
Навистина, премиере Ковачевски, од што сме направени, особено ние Македонците? Би било добро детално да ни објасни за да не живееме во очогледно бројни заблуди.
Еден обид да го стори ова имаше и екс-премиерот Зоран Заев. Тој на 20 мај минатата 2021 година, во гостување во емисијата „Утрински брифинг“ откри некои детали од разговорите со поранешниот, а можеби и иден бугарски премиер, Бојко Борисов. Во таа пригода, Заев меѓу другото оцени дека проблемот со Бугарија е смешен и ја објасни науката и религијата, односно дека сите сме или од мајмуните или од Адам и Ева.
-Разговаравме за тоа со Бојко Борисов, разговаравме со него за тоа. Знаете, јас сум православен христијанин и тој е православен христијанин. Многу е едноставно за сфаќање, пошто он праша какво ви е сфаќањето со корењата. Е вака сфаќаме, по науката сите сме од мајмуните, по религијата сите сме од Адам и Ева. И, како тоа сега Македонците во целиот свет се од Бугарите, или Бугарите од Македонците. Не ли сме или од мајмуните или од Адам и Ева. Има историско образовна комисија, треба да ги разработи сите можни аспекти, изјави тогаш Заев.
Ковачевски не отиде во вакви научни и религиски експликации, но затоа остави простор дури и за размислувања за постоење и на извесна доза на расизам, колку и да звучи грубо ова! А, сите ние сме обични смртници од крв и месо!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.