Премиерот Димитар Ковачевски и канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц во рамките на неговата официјална посета на Македонија, имаа тет-а-тет средба на којашто разговараа за најважните прашања од приоритет за односите на двете земји, како и за теми од заеднички интерес поврзани со проширувањето на ЕУ, регионалната соработка и актуелната состојба со војната во Украина.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата заеднички било констатирано дека односите и соработката меѓу двете земји се базираат на многу интензивен политички дијалог и имаат значајна динамика на соработка во сите области.

Двајцата соговорници споделија дека СР Германија останува еден од клучните политички партнери на Македонија и значаен сојузник и поддржувач во процесот на европските интеграции на нашата земја, кој дополнително беше охрабруван и поттикнуван и низ повеќе регионални проекти, како Берлинскиот процес за исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда, соопштуваат од Влада.

За време на разговорот беше истакнато дека во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Република Македонија, како земја којашто ги исполни сите критериуми и услови, и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа, стои во владиното соопштение.

Сојузна Република Германија, беше речено на средбата Ковачевски – Шолц, останува на определбата да биде најзначајниот трговски партнер на нашата земја што е потврдено со најголемиот број германски компании присутни во Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.